Пандора Апостолоска-Саздовска, визуелна уметница

Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелна уметница, активистка и истражувачка, чија уметничка практика е насочена кон меѓучовечките односи, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во својата богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и во центри за современа уметност. Нејзино дело неодамна беше дел од меѓународна изложба на жени уметници „Арс визиблис 7“ во Медитеранскиот центар за уметност во Алмерија, Шпанија.
Темата на изложбата ја истражува позицијата на жената во современиот свет, фокусирајќи се на структурите на родова нееднаквост. Делото на Апостолоска-Саздовска ја третира жената во состојба на воена криза.

Вашето дело „Тер(ор)итори“ отвора силни прашања за војната, стравот и експлоатацијата на женското тело. Како се роди идејата за ова дело и што беше првиот импулс за неговото создавање?
– Уште од крајот на 1990-тите години започнав интензивно да го истражувам сложениот процес на општествена транзиција. Балканските конфликти, воените разорувања и личната траума, особено искуствата поврзани со настаните во западниот дел на Македонија, отворија простор за длабоко критичко преиспитување на општествените и политичките состојби. Делото произлезе како непосредна реакција на трагичниот настан од 7 август 2001 година. Станува збор за колаж на кој дигитално е испишан зборот „Terr(or)itory“ врз моето тело, создавајќи своевиден автопортрет, не само личен туку и симболичен автопортрет на македонската држава и нејзината колективна состојба. Во ова дело телото станува простор на политичка и историска проекција, место врз кое се втиснуваат траумите на територијата, насилството и идентитетските поделби. Историската и колективната траума постепено станаа неразделен дел од моето сеќавање и суштински елемент на мојот уметнички јазик. Јас не се обидувам да ја реконструирам историјата, туку да ја почувствувам нејзината сегашност.
Естетски, делото може да се чита како визуелна археологија на насилството и, во својата суштина, не зборува само за конкретни војни или региони, туку за универзалниот модел на човечка агресија, а јавноста умее да го препознае тоа.

Зошто токму овие теми се во фокусот на вашата уметност?
– Војната, насилството и еколошката криза се теми што континуирано ги истражувам и концептуално ги разработувам во рамките на мојата уметничка практика. Нив ги гледам како две лица на истата цивилизациска траума. Војната и насилството се насочени кон другиот човек, а еколошката катастрофа кон самиот живот. И двете произлегуваат од истата логика на доминација, од истата духовна матрица на отуѓување. Војната, насилството и еколошката катастрофа се резултат на истиот принцип, потребата човекот да поседува, да контролира и да ги искористува ресурсите без граница и одговорност.

Колку е важно женските уметнички гласови денес гласно и интернационално да проговорат за родовата нееднаквост и насилството?
– Во време кога родовата нееднаквост и насилството врз жените сè уште постојат како длабоко вкоренети општествени проблеми, сметам дека е исклучително важно женските уметнички гласови јавно и интернационално да проговорат за овие состојби, бидејќи премолчувањето не само што го продлабочува проблемот туку и овозможува негово континуирано опстојување во општеството. Уметноста има моќ да отвори простор за видливост, критичка свест и емпатија, особено за теми што долго време биле потиснувани или маргинализирани. Токму затоа изложби како „Арс визиблис“ имаат особено значење, бидејќи создаваат интернационална платформа каде што жените уметници, и покрај различните културни, политички и религиски контексти од кои доаѓаат, можат заеднички да сведочат за искуствата на ранливост, дискриминација, отпор и солидарност. Верувам дека женскиот уметнички глас денес не е само естетска позиција туку и етички чин. Да се говори за насилството значи да се одбие молкот како форма на соучесништво. А кога тие гласови се поврзуваат на меѓународно ниво, уметноста станува простор на колективна меморија, отпор и можност за општествена промена.

Вашите дела биле претставени во голем број музеи, биеналиња и центри за современа уметност низ светот, па како различните културни средини реагираат на темите што ги обработувате?
– Да се создава значи да се преиспитува, да се доведе во прашање она што општеството сака да го премолчи. Уметноста, за мене, не е форма на бегство, туку простор на сведочење, начин да се издржи погледот кон болката и истовремено да се зачува човечноста. Инсталацијата ја доживувам како живо тело во кое гледачот е поканет да влезе, да стане дел од процесот на размислување и на освестување. Во еден свет каде што звукот на војната и машината го надгласуваат човечкиот глас, уметноста станува единствениот простор каде што тишината може да проговори. Различните културни средини реагираат на различен начин на темите што ги обработувам, но она што е заедничко е дека темите како војната, насилството, миграцијата, колективната траума и родовата нееднаквост допираат до луѓето без оглед на географските и културните граници. Особено силни искуства имав во земјите од Блискиот Исток, каде што религијата доминира како единствена идеологија. Во таков контекст, изложувањето дела со политичка тематика создадени од жена-автор претставува особен предизвик, но и ризик, бидејќи уметничкиот глас директно навлегува во чувствителни општествени и идеолошки прашања. Сепак, моето делото „Загуба“, посветено на децата жртви на политичкото насилство во Сирија, предизвика значителен јавен интерес и беше објавено и на насловната страница на „Галф тајмс“ во Доха, Катар. Не верувам дека уметноста директно го менува светот во политичка смисла, но верувам дека може длабоко да ја промени човечката перцепција. А секоја општествена промена започнува токму таму, во начинот на кој гледаме, чувствуваме и го разбираме другиот. Уметноста има способност да го наруши молкот, да отвори провокативни прашања и да создаде простор за критичко размислување, а тоа е веќе значајна форма на општествено дејствување.

По толку богато меѓународно искуство, што ве мотивира денес како уметница и активистка?
– По долгогодишното искуство, она што и понатаму ме мотивира е потребата преку уметноста да сведочам за состојбите што често остануваат на маргините на колективната свест. Во мојата ликовно-истражувачка практика од особено значење се посетите на земји погодени од воени конфликти и миграциски кризи, како Јемен, Саудиска Арабија, Египет, Тунис, Јордан и др. Овие искуства не ги доживувам како патувања, туку како непосредни средби со простори обележани од траума, раселување и преживување. Ме интересира токму моментот по катастрофата, кога звукот стивнува, кога ништо повеќе не е видливо, а присуството на болката е сè уште насекаде. Тој простор на тишина, по војната, по распаѓањето и по загубата, е просторот во кој започнува мојата уметност.
Во моментов подготвувам изложба што ќе биде реализирана во октомври 2026 година во МАНУ и таа ќе претставува продолжување на моите истражувања.