Осумте регистрирани случаи на западнонилска треска во земјава не ја одразуваат реалната распространетост на вирусот, туку претставуваат само „врв на епидемиолошката санта мраз“, предупредува епидемиологот д-р Драган Даниловски.
Во објава на Фејсбук, Даниловски посочува дека сите досега евидентирани пациенти развиле тешка, невроинвазивна форма на болеста со зафатеност на централниот нервен систем, но нагласува дека тоа не значи дека вирусот предизвикува тешка клиничка слика кај сите заразени.
– Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции? Тоа е прашањето што бројката сама по себе не може да го одговори – наведува Даниловски.
Тој објаснува дека околу 80 проценти од заразените со вирусот на Западен Нил немаат никакви симптоми, додека кај приближно 20 проценти се развива полесна фебрилна болест. Тешката невроинвазивна форма се јавува кај помалку од еден процент од инфицираните, а ризикот е значително поголем кај постарите лица, хронично болните и лицата со ослабен имунолошки систем.
Според него, токму пациентите со тешка клиничка слика најчесто се хоспитализираат, лабораториски се потврдуваат и влегуваат во официјалната статистика, додека асимптоматските и полесните инфекции остануваат нерегистрирани.
– Осумте регистрирани тешки случаи се видливиот врв на епидемиолошката санта мраз. Под површината останува непознат број асимптоматски инфекции, лесни или неспецифични форми, како и случаи кај лица кои воопшто не побарале лекарска помош – истакнува Даниловски.
Тој предупредува дека без ова епидемиолошко објаснување јавноста лесно може да стекне погрешен впечаток дека вирусот станал поагресивен, што, според него, не е точно.
Дополнително, Даниловски посочува дека повеќето од досега регистрираните случаи се автохтони, што укажува дека вирусот ова лето локално циркулира преку природниот циклус птици – комарци.
– Во оваа фаза најважни се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и личната заштита од убоди – нагласува Даниловски.
Тој додава дека во епидемиологијата изолираната бројка сама по себе нема вистинско значење и дека секој податок мора да се анализира во поширок контекст – од која популација произлегува, како е регистриран и колкав број случаи останале незабележани.

































