Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во моментов не е фокусиран на можноста за предвремени парламентарни избори, туку на реализација на инфраструктурни проекти и политики што, како што рече, ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе бара дополнителни консултации со опозицијата поради законите што се блокирани во Собранието поради недостиг на Бадентерово мнозинство или поради филибастеринг, Мицкоски истакна дека Владата ја завршила својата работа и дека понатамошната постапка е во надлежност на Парламентот.
-Јас сум фокусиран на работа. Како претседател на Владата се занимавам со започнување на нови проекти, како автопатот Блаце – Скопје, делницата Букојчани – Кичево, како и со проектите на Коридорот 8 и третата фаза од железничката пруга, за која тендерот ќе биде објавен оваа или следната недела. Тоа се проектите што ќе донесат подобар квалитет на живот за граѓаните – изјави Мицкоски при посетата на Општина Илинден.
Тој додаде дека политичките пресметки и калкулации им ги остава на опозициските партии, нагласувајќи дека негов приоритет останува развојот на државата.
-Додека сум претседател на Владата, ќе зборувам за проекти. Предлог-законите се веќе во собраниска процедура. Владата ги подготви, ги поминаа сите потребни процедури и сега се во надлежност на Собранието. Тоа е прашање за пратениците – рече премиерот.


































