Пред свеченото отворање на 56. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“, на отворената сцена на платотото пред Офицерски дом во Битола како и секоја година, му претходеше дефилето на фолклорни групи и друштва од државата и светот низ Широк Сокак во Битола. Фестивал формиран пред повеќе од половина век како културно ехо на манифестот од 1903, како смотра на фолклорот во националните граници.
Фестивалот „Илинденски денови“, вдахновен од верскиот празник Свети Илија, посветен на народната култура, на традицијата, организиран во чест на големиот Илинден и оваа година од 14 до 31 јули ќе ја потврди и продолжи својата света мисија преку фестивалската програма во која се вклучени преку 1.300 уметници.
„Илинденски денови“ веќе 56 години се културна екстраваганција на народите и обичаите која ја прикажува убавината и богатството на народните традиции од целиот свет. И годинава „Илинденските денови“ имаат богата фестивалска програма со настап на 34 фолклорни групи и ансамбли од Македонија, САД, Венецуела, Порторико, Кина, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Шведска и за прв пат од Швајцарија, ќе настапат на многу локации низ градот, претворајќи ја Битола во отворена сцена.
Две недели Битола живее во ритамот на фолклорот, традицијата, играта, песната, филмот, едукацијата. Градот и организаторот на фестивалот ги пречекаа гостите од земјава и светот на најдолгите „Илинденски денови“, фестивал кој со право годинава го има мотото, односно темата „Точка на поврзување“.
На свечената церемонија фестивалот за отворен го прогласи потпретседателката на Собранието како покровител на „Илинденски денови“, Весна Бендевска, која рече дека фестивалот претставува вистински простор за промоција на културното наследство во сите појавни форми и додаде:
„Илинденски денови“ е вонредено важен фестивал со мисија и визија за културен натпревар меѓу народите што како принцип во аманет ни го остави најголемиот македонски син Гоце Делчев. Од оваа вечер Битола ќе биде точката на поврзување, на уметници од сите светски меридијани, центар на светот во кој се зборува на универзалниот јазик на музиката, песните, танците и ората. А, „Илинденски денови“ презентира автохтон македонски фолклор, со звуците на зурлите и тапаните, кавалите и гајдите, клавирите и чаршиите, во единствениот седумосмински такт кој е оригинална македонска особеност, презентирајќи ги македонските неповторливи ора.
Во име на домаќинот, Општина Битола се обрати градоначалникот Тони Коњановски.
– Дозволете ми на организаторите да им честитам за нивниот труд и напори да направат одлично издание на фестивалот. Исто така ме радува визуелниот идентитет на 56-то издание, каде фокусот е македонската народна носија, интернационалната носија и глуварчето како централен симбол. Како што беше кажано неговите семиња, кои патуваат со ветерот, ја симболизираат идејата за движење, размена и поврзување, исто како што и овој фестивал ги поврзува културите, традициите и луѓето од сите страни на светот. Вкупно 77 настани со преку 1.300 учесници во претпрограмата и официјалната програма со петте фестивалски вечери, како и 7 концерти на македонски уметници. Со ова Битола повторно станува центар на домашниот и светскиот фолклор, простор за дијалог меѓу културите, за научната мисла, креативноста и негување на традицијата која го добива своето заслужено место и е водилка на овој фестивал, промотор на македонската традиција – рече градоначалникот Коњановски.
Директорот на НУУБ Центар за култура, Сашо Илковски рече пред присутните дека повеќе од половина век „Илинденски денови“ е местото каде што традицијата не е спомен од минатото, туку таа е жива вредност, вредност што се пее, се игра, се раскажува и се пренесува од генерација на генерација.
– Годинешното мото на Фестивалот е точка на поврзување. Битола од секогаш била центар на средби, град каде се вкрсувале патишта, култури, јазици и цививизации. Денес „Илинденски денови“ ја продолжуваат таа приказна, Битола денес е место каде светот се среќава преку музиката, играта, традицијата. Во Битола ќе има 77 фестивалски настани, концерти, изложби, работилници, семинари, научни собири, филмски проекции – рече тој.
Во Битола има гости од осум странски земји, еден ансамбл на македонските иселеници од Шведска, 23 ансамбли од Македонија. Сите од тука ќе си заминат носејќи со себе дел од нашата традиција, гостопримство и нашата љубов кон традицијата. Оваа година идентитет на Фестивалот е глуварчето.
Пред официјалното отворање на фестивалот КУД „Илинден“ го изведе „Комитското“ во придружба на ансамблот на друштвото. По што првата фестивалска вечер траеше до доцните ноќни часови. Според востановената традиција, на фестивалскиот почеток му претходеа дефиле на учесниците од земјата и странство по Широк сокак, кој беше претесен за публиката која срдечно ги поздравуваше учесниците на фестивалот. Пријатен престој во градот на делегациите им посакаа градоначалникот Тони Коњановски и директорот на НУ Центар за култура, Сашо Илковски, организатор и домаќин на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.
ВАЛЕНТИН СОКЛЕВСКИ, СТОЛБОТ НА „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“ ЗА ФЕСТИВАЛОТ
Човекот создал бесценето културно наследство кое е белег за неговиот ентитет, идентитет и постоење низ вековите. Цивилизациска обврска е тоа богатство претставено преку танцот, музиката, игрите, ритуалите, обичаите и другите уметности, како светско културно наследство да го чуваме, негуваме, презентираме и пренесеме на идните генерации.
Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола веќе 56 години ја извршува таа света мисија која е оставена како аманет од безбројни народни уметници кои го создале тоа наследство низ вековите.
Фестивалот „Илинденски денови“ е член на Меѓународната асоцијација на интернационалните фолклорни фестивали CIOFF-International Council of Organizations of Folklore Festivals, и ги спроведува принципите, критериумите, мерките и стандардите во организацијата и реализацијата на фестивали.
Во таа насока фестивалот „Илинденски денови“ настојува спроведување и споделување на целите и вредностите на УНЕСКО во областа на традиционалната култура преку мир и ненасилство, преку меѓународна културна соработка, презентација, промоција, заштита и ширење на интернационалната традиционална култура и придонес кон зачувувањето на културните идентитети низ светот.
Преку соработката и комуникацијата со уметниците од сите светски меридијани, и презентацијата на врвните достигнувања, фестивалот отвора можности за културна компарација, размена на идеи, соработка и зближување на различните култури и вредности.
Фестивалот има единствена и оригинална концепција во чиишто рамки се организираат и реализираат манифестации од областа на фолклорната, музичко-сценската, изложбената, едукативната, киноприкажувачката дејност (со интернационалниот етнографски филмски фестивал) од областа на народната култура и уметност.
Како и секоја година, Битола ќе ја отвори својата душа за македонските и светските културни вредности и ќе испрати порака за почитување, мир и соработка.
Илинденски денови се „ТОЧКА НА ПОВРЗУВАЊЕ“ на старото и новото, на минатото и сегашноста, на денешнината и иднината, на народите од целиот свет, на човековите желби за мир, толеранција и соработка.







































