Фото: Приватна архива

Времеплов – Кога бев ученик: Бранко Попчевски

  • Еден ден решив да си го сменам имиџот и да направам панк-фризура. Ја избричив главата од двете страни над ушите, а коса оставив само на средина. Веднаш бев повикан на разговор кај директорот на училиштето и морав да ветам дека ќе престанам да ја бричам главата, за да ми се врати „нормалната“ фризура, вели Попчевски

Бранко Попчевски е етаблиран македонски музичар, музички продуцент и инженер со богата дискографија. Но тој е и режисер, продуцент и коосновач на продукциската куќа „Сан арт“ (Sun Art). Познат е по краткометражни филмови, како што се наградуваниот „Ако немаше небо“ и „Ручек“ (2021/2022).
Бранко својата дарба за музика ја почувствувал од најрана возраст, иако подоцна се запишал на Факултетот за општонародна одбрана. Сепак, тој не можел да избега од она што му е пишано – музиката да му стане професија. Првите успеси на музички план ги забележува во неговото студио „Абракадабра“, каде што создава песни, снима спотови, компонира филмска и театарска музика. Поттикнат од неговиот немирен дух, подоцна запловува и во филмските води.
– Моето уметничко и креативно битисување е едно бескрајно патување низ времето и просторот – ни рече Попчевски за своите креативни ангажмани .

Какво е твоето прво искуство со училиштето?
– Тргнав на училиште цела година порано од мојата генерација. И денес моето запишување во прво одделение е повод за смеење во семејството. Повеќето деца од моето маало со кои си играв беа постари од мене една година. Кога на 1 септември сите тргнаа на училиште, кој во прво, кој во второ одделение, јас немав со кого да си играм и се почувствував осамено. Најдоброто решение на кое се сетив е и јас да тргнам на училиште, сакајќи да бидам таму каде што ми се другарите. Затоа ѝ реков на баба ми: „Бабо, дај ми една црвена книшка, мислејќи на пасошот, и јас отидов на училиште!“ Во тоа време училишните книшки беа црвени.

Панкерската фризура на Бранко изгледала слично на оваа / Фотографијата креирана со ВИ

Се сеќаваш ли на првата учителка?
– Мојата прва учителка Аница до денешен ден ми е во најубави спомени. Таа беше стрплива, праведна и благородна. Никогаш не се нервираше и не им викаше на учениците. Тоа не значи дека не беше строга, но имаше исти критериуми за сите.

Каде учеше и каков ученик беше?
– Основно училиште завршив во ОУ „Ванчо Прке“ во Делчево, каде што ги поминав најубавите детски и тинејџерски години. Бев исклучително мирно дете и одличен ученик.

Кои ти беа најомилени предмети?
– Според некое непишано правило, афинитетите кај луѓето се поделени и ако некој повеќе сака таканаречени општествени предмети, помалку ги сака оние природноматематичките и обратно. Така и јас, иако еднакво ги учев сите предмети, со поголемо задоволство учев странски јазици, историја и географија отколку математика, физика и хемија.
Кажи ни за твојата прва љубов од училишните клупи?
– Како на филм, одеднаш забележуваш дека пред тебе, во прва клупа седи некој со руса коса како свила, врзана во две плетенки со панделки и веќе не знаеш ни во кое одделение си, ни на кој час си…

Кога првпат си настапил јавно?
– Почнав да учам да свирам на хармоника некаде во трето одделение, а првиот настап на училишните приредби ми беше во четврто одделение. Потоа ниедна приредба не минуваше без настапот на училишниот хор и на оркестарот во кој членував.

Кои ти беа омилени книги, стрипови, филмови?
– Иако редовно ги читав лектирите, за мене беше вистинско задоволство читањето цртани стрипови. Особено за време на распустот, тоа ми беше секојдневно уживање. Најомилени ми беа „Загор“, „Те-Неј“, „Командант Марк“, „Блек Стена“… Редовно читав „Политикин забавник“, а многу ми се допаѓаше филмот „Леси се враќа дома“. Се сеќавам како помал, гледајќи го филмот, со солзи чекав да видам дали умното куче ќе го најде патот до својот дом. А во тинејџерскиот период филм што нѐ излуде сите беше „Брилијантин“. Цело друштво си направивме исти фризури како Џон Траволта и на јакните одзади ги теравме мајките да ни шијат букви и знакот „Т-birds“.

Бранко почнал да свири на хармоника во трето одделение

Која е најголемата беља што си ја направил како тинејџер?
– Не знам дали тоа беше беља, но сите беа шокирани. Кога во раните 1980-ти се случи експанзија на панк-музиката, таа ја разбуди бунтовноста што секој тинејџер ја има во себе. Така, еден ден решив да си го сменам имиџот и да направам панк-фризура. Ја избричив главата од двете страни над ушите, а коса оставив само на средина. Она што денес е нормално и прифатливо, во тоа време беше причина за „паѓање во несвест“ за родители, наставници, директори. Веднаш бев повикан на разговор кај директорот на училиштето и морав да ветам дека ќе престанам да ја бричам главата, за да ми се врати „нормалната“ фризура.

По што најмногу ќе ги паметиш училишните денови?
– Ќе ги помнам тие денови по студените, но прекрасни зимски снежни утра кога одев на училиште газејќи го крцкавиот снег и по расцветаните, мирисливи улици во мај, по журките на плажа налето и по мирисот на тазе испржен ајвар во секој двор наесен.


Многу песнички за деца

Досега Бранко направил аранжмани за над 300 песнички за деца, кои се пееле речиси на сите детски фестивали во Македонија. Тој е комплетен автор и на десетина песнички, како и на химната на невладината организација „Полио плус“, насловена „Идат денови“. Неговата продукција „Абракадабра“ го реализираше спотот за неа, со учество на дваесетина познати македонски пејачи.