Креативно лето (7)

  • Драги читатели, долгото топло сѐ уште трае. Знаеме дека имате доволно време за игри во природа, за дружба, забава и уживање. Бидејќи „Колибри“ цело лето другарува со вас, подготвивме интересна рубрика за да ви бидеме привлечни и летово. Во „Креативно лето“, во секој број, со интересни активности ве изненадува психологот Нина Попадинова. Нашето катче е наменето и за родителите и за децата и сигурни сме дека ќе пронајдете заедничко задоволство и уживање. Потребно е да ги следите упатствата и лесно да ја реализирате предложената игра

Оваа активност е визуелно-моторна игра во која детето има задача внимателно да го набљудува дадениот модел составен од стапчиња и да го репродуцира на својата страна. На средината се поставува линија, која го дели просторот на две половини. На едната половина со стапчиња во различна боја се прави одредена форма, додека детето на другата страна треба да ја направи истата форма во соодветната боја. Во зависност од возраста и способностите на детето, активноста може да се реализира со едноставни форми, како линии и геометриски фигури, или со посложени комбинации, кои бараат поголемо внимание и прецизност. Исто така може да се комбинираат и боите. Односно, од една форма со една боја до една форма со различни бои. Дополнително, може да се зголеми тежината така што детето прво кратко ќе го набљудува моделот, а потоа тој ќе се покрие и ќе треба да го изгради по сеќавање.
Преку оваа активност се развиваат визуелната перцепција и визуелно-просторната ориентација, односно способноста на детето да ги препознава формите, нивната положба и меѓусебниот однос во просторот. Истовремено, детето ги вежба концентрацијата и селективното внимание, бидејќи потребно е да се фокусира на важните детали и да ги забележи разликите во должината, насоката, бојата и поставеноста на стапчињата.
Активноста придонесува и за развој на визуелната меморија, бидејќи детето треба да го задржи визуелниот модел и да го репродуцира. Со поставувањето и поместувањето на стапчињата се поттикнуваат фината моторика, координацијата око–рака и прецизноста на движењата, а детето истовремено учи да планира, да решава проблеми и да ги проверува сопствените решенија. Иако е едноставна и забавна, активноста бара трпение, внимателност и истрајност. Таа овозможува учење преку игра и создава можност детето постепено да стекнува поголема сигурност во сопствените способности, особено кога успешно ќе го репродуцира зададениот образец.

Пишува: Нина Попадинова, психолог