Илустрација / Фото: Маја Јаневска Илиева

Собранието попладнево со 64 гласа „за“, без ниту еден глас „против“ или „воздржан“, го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, пренесе МИА.

Во текот на расправата, пратениците од владејачкото мнозинство оценија дека ребалансот е насочен кон зачувување на економската стабилност, поттикнување на развојот и одговорно управување со јавните финансии. Од друга страна, опозициските пратеници тврдеа дека предложените измени не се развојни ниту социјални и дека не нудат конкретни резултати за граѓаните.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го ребалансот, истакна дека станува збор за навремено усогласување на буџетските проекции со актуелните економски околности и обезбедување средства за законските обврски и развојните приоритети.

-Со овие измени обезбедуваме средства за исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините. Посебно значајно е што обезбедуваме дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус и реализацијата на инфраструктурните проекти – изјави министерката.

Таа нагласи дека со усвојувањето на ребалансот продолжуваат инвестициите во инфраструктурата, поддршката за локалниот развој и политиките насочени кон обезбедување поголема сигурност и предвидливост за граѓаните и стопанството.

Според усвоените измени, вкупните приходи се ревидирани на 379,5 милијарди денари, што е зголемување од 1,2 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Вкупните расходи се проектирани на 425,8 милијарди денари, што претставува раст од 2,8 проценти, додека буџетскиот дефицит е утврден на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 проценти од БДП.

Со ребалансот се обезбедуваат 5,8 милијарди денари дополнителни средства за капитални инвестиции, со што нивниот вкупен износ достигнува 46 милијарди денари, односно 14,3 проценти повеќе во споредба со првично планираниот буџет. Во првата половина од годинава реализацијата на капиталните расходи достигнала 19,4 милијарди денари, што претставува раст од 53,5 проценти во однос на истиот период лани.

Дополнителните средства ќе бидат насочени кон изградба и модернизација на патната и железничката инфраструктура, проекти во областа на животната средина, комуналната инфраструктура, енергетиката, образованието, детската заштита, земјоделството, правосудството, како и за реализација на капитални проекти во општините.

Со ребалансот се обезбедени и дополнителни средства за исполнување на обврските што произлегуваат од колективните договори, односно за повисоки плати, поддршка на земјоделството и социјалната заштита.

Преку усвоените амандмани, предвидени се средства за поддршка на жените кои вршат земјоделска дејност, воспоставување национална СОС-линија за жртви на родово и семејно насилство, како и отворање два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство.

Дополнително, обезбедени се 6 милиони денари за транспорт на вода за населението во Гостивар поради прогласената епидемија, 1 милион денари за Управата за извршување на санкции, 10 милиони денари за реконструкција на факултети, 12 милиони денари за продолжување на лиценци за софтвер во Јавното обвинителство, 170 милиони денари за изградба на дистрибутивни центри во Скопје и Струмица и адаптација на зградата на ИПАРД, како и 80 милиони денари за Агенцијата за стокови резерви.