Цените на нафтата значително се намалија, а американските и светските берзи забележаа раст откако дојде до привремено смирување на тензиите меѓу САД и Иран и беше најавено продолжување на дипломатските напори, пренесе „Си-би-ес њуз“.
Американскиот амбасадор во Обединетите нации, Мајк Валц, во емисијата „Face the Nation“ изјави дека паузата во борбите има за цел „да ѝ даде простор на дипломатијата“, додавајќи дека американските воени сили и натаму остануваат распоредени во регионот.
Пазарите позитивно реагираа на овие сигнали. Освен растот на Волстрит, добивки забележаа и европските и азиските берзи, додека цените на нафтата паднаа поради намалените стравувања од прекин на снабдувањето.
– Наглото повлекување на цената на нафтата го олабави геополитичкиот јазол што со недели вршеше притисок врз акциите, валутите, обврзниците и централните банки – оцени Стивен Инес од „SPI Asset Management“.
Иран во понеделникот соопшти дека не води директни разговори со САД, но потврди дека преку посредство на Оман се разговара за воспоставување механизми поврзани со поморскиот сообраќај низ Ормутскиот Теснец, еден од најважните светски транспортни правци за нафта.
Во меѓувреме, инвеститорите остануваат внимателни поради ризикот од повисока инфлација. Неодамнешниот раст на цените на енергенсите, како и новите царински мерки најавени од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, би можеле дополнително да ги зголемат ценовните притисоци.
Иако се очекува Федералните резерви на САД на седницата оваа недела да ги задржат каматните стапки непроменети, дел од инвеститорите сметаат дека доколку инфлацијата продолжи да расте, можно е до крајот на годината повторно да дојде до нивно зголемување.































