- Трофејниот бек го продолжи договорот со Реал Мадрид, со кој досега освои три европски титули, и е лидер во Евролигата според одиграни мечеви и постигнати тројки. Со Шпанија трипати досега беше европски првак, еднаш светски шампион…
Реал Мадрид и Серхио Љуљ се согласија на условите за договор, според кој, бекот ќе го носи дресот на тој кошаркарски клуб и во следната, за него 21. сезона, објави Реал Мадрид, пренесе Евролигата. Љуљ ја одигра својата 19. сезона во Евролигата во сезоната 2025/2026, помагајќи му на Реал Мадрид да стигне до финалето. Следната сезона тој е на пат да ја запише историјата на Евролигата станувајќи првиот кошаркар што учествувал во 20 сезони во Евролигата, и сите со истиот клуб, пишува Евролигата.
Љуљ освои три европски титули со Реал Мадрид, кревајќи го трофејот во 2015, 2018 и во 2023 година. Тој играше и во пет други финалиња (во 2013, 2014, 2022, 2024 и во 2026 година). Неговото место меѓу најдобрите на сите времиња во натпреварувањето е цврсто утврдено, тој е лидер во Евролигата според одиграни натпревари (487) и постигнати тројки (712), седми на сите времиња според постигнати поени, со 4.340 поени и шести според асистенции со 1.540…, пишува Евролигата.
Трофејниот бек беше избран и во тимот на декадата на Евролигата од 2010 до 2020 година и во тимот за 25-годишнината на Евролигата. Поединечно, неговата најдобра сезона беше 2016/2017, кога ги освои наградата за најкорисен играч (МВП) на Евролигата и местото во првиот тим на Евролигата. Успехот го следеше и на меѓународната сцена, откако со Шпанија освои три златни медали на европските првенства (ЕП), една светска титула, на Мундијалот во 2019 година, сребрен медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лондон во 2012 година и бронза на ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро, како и бронзен медал на ЕП 2013, пишува Евролигата. Н.М.
































