Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп донел одлука привремено да ги паузира нападите врз Иран со цел да се создаде простор за обновување на дипломатските преговори, изјави денеска амбасадорот на САД во Обединетите нации, Мајк Волц.

Во изјава за „Фокс њуз“, Волц рече дека одлуката на Трамп е насочена кон отворање можност за дипломатско решение, но не изнесе дополнителни детали.

-Тој остава простор за преговори – изјави Волц.

Во меѓувреме, иранските власти соопштија дека ќе ги суспендираат нападите сè додека САД се воздржуваат од воени дејствија, што придонесе за привремено смирување на тензиите меѓу двете земји.

Во текот на изминатиот викенд беше забележано затишје во конфликтот. Пентагон го прекина бомбардирањето по тринаесет последователни ноќи воздушни напади, а во последните два дена немаше информации ниту за ирански напади врз соседните земји.

Неименуван висок претставник на администрацијата на Трамп изјави дека американскиот претседател отсекогаш давал предност на дипломатското решение, но истовремено сакал јасно да му покаже на Техеран какви би биле последиците доколку не покаже сериозна подготвеност за преговори.

Иако Иран најави дека ќе се воздржи од напади доколку истото го прават и Соединетите Американски Држави, во Техеран преовладува претпазливост. Според тамошните оценки, постои повеќе скептицизам отколку оптимизам дека прекинот на нападите ќе прерасне во трајно примирје, а доминантен е ставот дека станува збор за тактичка пауза, а не за конечно смирување на конфликтот.