Главниот осомничен за смртоносниот напад на Парадата на гордоста во Берлин е застрелан денеска за време на полициска операција, јави германската новинска агенција ДПА.
Според информациите, осомничениот бил лоциран околу 18 часот во комплекс со градинарски парцели во берлинската населба Шпандау. За време на интервенцијата, тој наводно тргнал кон припадниците на специјалната полициска единица вооружен со ладно оружје – нож или мачета – по што полицијата употребила огнено оружје.
-И покрај тоа што екипите на берлинската противпожарна служба веднаш започнале со реанимација, осомничениот им подлегнал на повредите на местото на настанот – изјави портпарол на полицијата.
Во нападот што се случи во саботата вечерта, едно лице загина, а 29 лица беа повредени, откако напаѓачот со комбе влета во толпа учесници на Берлинската парада на гордоста, по што побегна од местото на настанот.
Полицијата соопшти дека ниту еден од повредените во моментов не е во животозагрозувачка состојба.
Според германските медиуми „Билд“ и „Ди Велт“, осомничениот е Абдул Балут (21), роден во Берлин, германски државјанин со либанско потекло. Наводно, неодамна бил осуден за подготовка на сериозно кривично дело против државната безбедност. Според истите извори, неговото семејство потекнува од Либан, а неговата мајка стекнала германско државјанство во 2002 година.
































