Средствата обезбедени преку краткорочна позајмица од М-НАВ, МЕПСО, Државна лотарија и од сопствени извори на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ќе бидат искористени за сервисирање на обврските кон кинеска банка поврзани со изградбата на автопатите, а во текот на август ќе им бидат вратени на институциите и компаниите, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните работи на клучката кај Момин Поток, Мицкоски појасни дека не станува збор само за средства обезбедени од М-НАВ, туку и од МЕПСО, Државна лотарија и од сопствени средства на ЈПДП.
-Не се само од М-НАВ. Дел од средствата се обезбедени и од Лотарија, МЕПСО и од сопствени средства на ЈПДП. Тие ќе бидат искористени за враќање на кредит кон кинеската банка за автопатите, а во текот на август истите средства ќе им бидат вратени на компаниите – изјави премиерот.
Тој нагласи дека станува збор за вообичаена финансиска постапка која, како што рече, и претходно била применувана.
-Се работи за редовна процедура што многупати се применувала и во минатото. Во август средствата ќе бидат вратени и кај М-НАВ, и кај Државна лотарија, и кај МЕПСО – истакна Мицкоски.
































