Во Старата чаршија во Скопје, официјално започна првото издание на интернационалниот фестивал на музиката „Чаршија“, иницијатива на Општина Чаир, чија цел е да прерасне во годишна традиција и да стане значајна културна манифестација во градот. Организаторите ги претставија визијата и значењето на овој фестивал за културниот живот на Скопје. Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани го поздрави организирањето на фестивалот, истакнувајќи ја важноста на поддршката на иницијативите што ги промовираат уметниците, културата и културното наследство. Тој оцени дека овој фестивал носи нова димензија во културниот живот на Чаир и Скопје, поврзувајќи го богатото наследство на Старата чаршија со современото творештво и придонесувајќи за развојот на културниот туризам.
Фестивалските вечери ќе се одржуваат во „Куршумли-ан“ и во „Сули-ан“, историски простори што низ вековите биле место на средба на различни култури и традиции. Во текот на четири вечери ќе настапат познати уметници од земјава и од светот. Публиката ќе има можност да проследи богата уметничка програма со класична музика, опера, фламенко и корчански серенади, создавајќи уникатно културно доживување во срцето на Старата чаршија.































