Фото: ЕПА

Берлинската полиција објави фотографија од 21-годишен осомничен за вмешаност во нападот на Парадата на гордоста во германската престолнина, во кој едно лице загина, а најмалку 16 беа повредени. Во тек е интензивна потрага по осомничениот низ градот, пренесе МИА.

Според германските власти, станува збор за лицето идентификувано како Абдул Б., кое по инцидентот успеало да избега. Нападот се случи синоќа кога возило влета во толпа луѓе во паркот „Тиргартен“, во близина на трасата на Парадата на гордоста.

Портпаролот на берлинската полиција, Флоријан Нат, изјави дека осомничениот им е познат на безбедносните служби и дека постојат сомневања за негова поврзаност со исламистички кругови во Берлин. Според информациите на германската новинска агенција ДПА, тој во мај годинава бил ослободен од установа за малолетни и младински престапници.

Берлинското јавно обвинителство и Покраинската криминалистичка служба упатија апел до граѓаните да не се обидуваат сами да го приведат доколку го забележат, предупредувајќи дека може да биде вооружен и опасен, туку веднаш да ја известат полицијата.

Според првичните информации, инцидентот се случил околу 22 часот, кога бел минибус удрил во толпа луѓе, по што организаторите ја прекинале манифестацијата и ги откажале преостанатите активности.

Полицијата соопшти дека возилото потоа удрило во дрво, а возачот избегал во непознат правец. Минибусот е запленет и се наоѓа на вештачење, при што е утврдено дека претрпел значителни оштетувања.

Истрагата сè уште е во тек, а мотивот за нападот засега не е утврден. Надлежните проверуваат и дали осомничениот навистина управувал со возилото, како и дали по влетувањето во толпата следувал дополнителен напад.

Полицискиот портпарол Флоријан Нат изјави дека истражителите ги проверуваат сведочењата според кои по судирот од комбето излегло лице кое нападнало луѓе со ладно оружје.

Дел од очевидците тврдат дека неколку повредени се здобиле со убодни рани, додека други изјавиле дека виделе лице облечено во црна облека кое носело мачета. Полицијата засега не ги потврдува овие информации и наведува дека тие се предмет на понатамошна истрага.