На годишнината од скопскиот земјотрес – слики и сеќавања од друг агол

  • „Скопље граде ти не губи наде, долазе ти савезне бригаде“, јули-август 1963

Скопскиот земјотрес беше најголемата катастрофа во Европа по завршувањето на Втората светска војна на 9 мај 1945 година. За само еден ден, во земјотресот загинаа 1.040 луѓе и околу 3.500 беа тешко повредени. Не само во Европа туку и во светот, брзо се создаде атмосфера на солидарност и искрена решителност да им се помогне на граѓаните на Скопје, а со тоа и на Македонија и на Југославија. Скопје беше прогласен за град на меѓународната солидарност. Почна да пристигнува помош од секаде. Само неколку дена по земјотресот, дел од градежните ефективи на Советската армија стационирана во источноевропските земји и на специјализираните инженерски единици на Американската армија стационирани во Западна Германија пристигнаа во Скопје и помогнаа во спасувањето на затрупаните и во расчистувањето на урнатините. Во тие мигови, светските агенции јавуваа за необичниот феномен – ефективите на Советската и на Американската армија да се сретнат токму во Скопје, за првпат по нивната средба на фронтот на реката Одра при крајот на Втората светска војна. Тогашниот претседател на Советскиот Сојуз и генерален секретар на Комунистичката партија, Никита Сергеевич Хрушчов, дојде во Скопје, само неколку дена по земјотресот, заедно со југословенскиот претседател Ј.Б. Тито.
Само неколку дена по катастрофалниот земјотрес, по улиците на Скопје, одекнуваше песната на неколку стотини млади луѓе доброволци дојдени итно од цела Југославија. Повеќето од нив беа повлечени од неколку делници од автопатот „Братство-единство“ што во тоа време се градеше низ Југославија и беа итно испратени во Скопје. Во градот, тешко настрадан од земјотресот, набрзо почна да се создава еден нов бригадирски фолклор. Насекаде низ градот одекнуваше: „Скопје граде, ти не губи наде, долазе ти Савезне бригаде“ и „Кунемо се вољеном Маршалу, градиќемо Скопље на Вардару“.
Неколку недели пред земјотресот, беше дефинитивно утврден составот на скопската бригада „Чеде Филиповски-Даме“. Подготовките за заминување на бригадата на автопатот во Умчари, на шеесетина километри пред Белград, беа веќе завршени. Терминот на заминувањето за Умчари беше претходно утврден – првата недела во август. Умчари требаше да биде мојата трета сојузна акција – по Џеб, во Грделичката Клисура во Србија (1961) и Ланиште кај Светозарево (1962). Но на 26 јули се случи земјотресот. Се најдовме во чудна ситуација. Во Скопје доаѓаа луѓе од цела Југославија да помогнат во расчистувањето на урнатините и во обезбедување какво-такво привремено сместувалиште за илјадниците луѓе што останаа на улица, без покрив над главата, а ние требаше да отидеме од Скопје, на работна акција на автопатот „Братство-единство“ во Србија.
Во такви околности се постави прашањето – дали нашата бригада треба да остане во Скопје и да им помага на жителите на сопствениот тешко оштетен град или, сепак, да замине на изградбата на автопатот во Умчари?
Се разви голема дискусија. Дилемата – што да се прави – се подигна на повисоко ниво. Беа консултирани „другарите од горе“. Со толку многу солидарност што сите ја покажуваат кон Скопје и скопјани, не е ли подостоинствено и поблагородно да се возврати на таквата солидарност и да се замине на изградба на автопат во Србија? Преовладеа второто мислење и бригада замина за Умчари.

Во населбата бевме пречекани со овации. Сите излегоа да нѐ пречекаат уште пред влезот во населбата. Се создаде атмосфера на воодушевување и почит кон нас. Се сеќавам, право од воз, во населбата влеговме со марширање. Ја пеевме, „Денес над Македонија се раѓа…“. Бев многу горд што сум дел од сето тоа. Непосредно пред поаѓањето од Скопје, бев поставен за претседател на Бригадната конференција. Бригадата си имаше командант, но таа година, за прв пат, на работните акции на автопатот „Братство-единство“ беа воведени бригадни конференции. Беше пресликано искуството од самоуправувањето – специфичен, општествено-политички систем, со кој Југославија веќе беше препознатлива во светот. Работата како да заличуваше на партизанските единици од НОБ – си имаа командант, но и политички комесар, кој беше задолжен да ја спроведува линијата на партијата, за идеологијата, моралот, за подигањето на свеста. Јас бев задолжен да спроведувам демократија, но на крајот испадна многу повеќе од тоа.
– Дали ќе можам да ја оправдам довербата со изборот за претседател на бригадната конференција? Имав седумнаесет и пол години и постојано си го поставував тоа прашање. Поголемиот број бригадири беа постари од мене.

Убиството на Кенеди, есента 1963 година

Есента, 1963 година, неколку месеци по земјотресот, враќајќи се дома по часови во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во автобусот на градското сообраќајно претпријатие наеднаш настана молк. Еден патник, на мал јапонски транзистор (што во тоа време беше вистинска реткост, беше многу скапа работа) ја слушна веста дека претседателот на САД, Џон Кенеди, е убиен во атентат во градот Далас во Тексас. За миг, сите се претворивме во уво.
Во месеците по земјотресот од јули 1963 година, моето семејство имаше ново „дома“. Бевме привремено сместени, заедно со уште едно семејство, во Сарај, во вилата за „работни викенди“ на републичкото синдикално раководство. Таму, со години пред земјотресот, синдикалните лидери, меѓу кои беше и татко ми, ги пишуваа своите реферати и извештаи. Тоа беше официјалната намена на оваа убава куќа, сместена среде негувано зеленило. Имаше и засебен тениски терен, ограден со висок ѕид од плетена жица. Црвената земја со белите тениски линии ѝ даваше буржоаски шмек на оваа синдикална резиденција за „работни викенди“.
– Е, штета, богами, штета! За греота, го утепале Кенеди! Кој можел да крене рака на таков чоек – промрмори еден патник, во близина на човекот со транзистор.
– Е, да му се невиди, како можеле да напраат таква работа! Пуста Жаклина, си остана млада вдовица, изусти некоја жена во предниот дел на автобусот, искрено и простодушно, како да станува збор за нејзина блиска комшивка.
– Море, мани Жаклина, таа ќе си најде друг, млада е. Туку, глеј децата. Муж, вака-така, се најдуе, ама, друг татко, не!
– Сироти деца, како ќе им е на нив. Иако имаат сѐ, татко повеќе не ќе си имаат – не губеше време со својот коментар друга жена во нејзина близина.
Кога слегував од автобусот, тој веќе имаше заличено на место на кое се дава парастос за умрените. Во тој миг, една мисла ми пролета низ главата. Како што Американците ќе му оддадат почит на својот претседател со почесните плотуни на припадниците на морнаричката пешадија на националните гробишта Арлингтон во Вашингтон, така и ние во Скопје и во сите градови во Македонија и во Југославија, кај што има железнички станици, треба да му оддадеме почит на Кенеди со свирежот на „кенедиевките“! Во почетокот на шеесеттите години, во Југославија стигнаа првите дизел-локомотиви. Беа набавени од Америка. Веднаш, беа наречени – „кенедиевки“. Звучеше како да сме ги добиле на подарок од претседателот на САД, Џон Кенеди, лично. Кенеди беше многу популарен насекаде во светот и немаше причина да не биде популарен и кај нас. За малку фалеше да го завикаме другарот Кенеди. Толку беше популарен и омилен!
Еден ден, „кенедиевката“ стигна и во Скопје. Беше моќна машина, обоена во темнозелена, метална боја со две големи жолти линии по целата должина. Бидејќи и Мала станица и Главната железничка станица се наоѓаа во центарот на градот, можевме речиси секојдневно да ја гледаме. Кај многумина предизвикуваше воодушевување. Каков контраст беше тоа со црната боја на парните локомотиви!
Си мислев дека тоа би било вистински начин, покрај официјалните телеграми на сочувство, да се изрази широко народно сочувство. Дека, на тој начин, тагата ќе биде масовно симболизирана и дека буквално ќе допре не само до срцата туку и до ушите на оние што искрено жалеа за смртта на овој човек, а во моментот се затекнале покрај железничка пруга. Покрај тоа и Мала станица во Скопје, преку сирената на „кенедиевката“ ќе се поврзе со плотуните на Арлингтон во Вашингтон Ди-Си.
О темпора, о морес! Како се менуваат времињата! Кој денес на светот би бил емотивно лично засегнат со смртта на светски државник, на начин на кој тоа го доживеаја и го изразуваа граѓани на многу земји во светот, вклучувајќи нѐ и нас, во случајот со смртта на Кенеди.

Крикет на Рузвелтова – дворот на ГУЦ „Здравко Цветковски“ како полигон

Наредната година по земјотресот во Скопје се организира работна акција – „Црвени каранфили, Скопје 64“. Се работеше на озеленувањето и разубавувањето на новоподигнатите приградските населби во градот, кои, првото лето по земјотресот, станаа градилишта за трајно сместување на жителите на Скопје што ги изгубија своите домови во големиот земјотрес – Козле, Тафталиџе, Пржино, Трнодол и Жданец, Бутел, Железара, Ченто и Драчево, како и некои делови во центарот на градот. Летото 1964 година бригадата „Чеде Филиповски–Даме“ остана во Скопје. Беше столбот на оваа акција, која за првпат стана меѓународна.
Бригадната населба беше сместена во зградата на тогашниот интернат на средното градежно училиште „Здравко Цветковски“. Се наоѓаше веднаш од западната страна на улицата Рузвелтова, наспроти поранешните бараки на фабриката „Треска“. Меѓу бригадите од странство, дојде и бригада од Братфорд, Велика Британија. Братфорд, меѓу првите градови во светот, по земјотресот стана град побратим на Скопје. Тогаш, за прв пат видовме, во живо, како се игра крикет. Во дворот на населбата, младите Британци, си импровизираа игралиште за крикет. Имаа донесено од дома комплетна опрема за играње крикет. Очигледно, и во Скопје, сакаа да си се чувствуваат како дома, во Братфорд. Две години подоцна, летото 1966 година, со поголема група младинци од Скопје, заминавме во Братфорд, како гости на градската управа на градот. Групата ја предводеше Киро Поповски, тогашен претседател на градскиот комитет на Сојузот на младината на град Скопје. Бев член на Секретаријат и близок соработник на Киро. Со драгиот човек, Киро Поповски, споделив едни од најубавите мигови на мојата активистичка младост, во Сојузот на младината, во градот Скопје, и во Републиката. Во 1971 година го наследив на местото претседател на Сојузот на младината на Македонија. Беше прекрасна личност, одмерен, со исконско чувство за правичност, со отмени манири, со достоинство на млад господин израснат во социјалистички услови, дете на скопскиот асфалт во најубавата смисла на зборот – духовит и интелигентен.
На акцијата „Црвени каранфили“, за првпат во мојата бригадирска кариера, не бев бригадир. Станав бригадирски функционер. По три години автопат, на оваа акција бев промовиран на позицијата претседател на Советот на населбата „Црвени каранфили“. Командант беше сега веќе покојниот Ѓорѓи Гошев, чија сопруга Мирјана Мими Крстевска Гошева беше командант на бригадата во Умчари, кај што јас бев претседател на бригадната конференција.
По 1964 година не заминав повеќе на работни акции. Се „пензионирав“ од ударничка работа на 18 години. Станав ветеран, речиси во исто време, кога станав и полнолетен.

Владимир Петковски

Авторот е универзитетски професор и амбасадор