Летото е мегдан за многу случувања. Се разбира, зборуваме за пријатни случувања што времето ги внесува во својот програмски тефтер познат под името традиција. Традицијата е процес што нуди незаборав, процес што утврдува идентитет, дух и вредности што намерно се повторуваат токму поради тие причини.
На 12.7.2026 беше Петровден. Оној што се придржува до постите, се причестува со винце и нафора. Тој секако треба да има и добра мисла. Не дека немале добри мисли и тие што не постеле. Светот е пријатно шаренило од спротивности, а разумот е тој што треба да биде толерантен. Свети апостол Петар е црковен празник, но има и различни постапки што се вклопени во начинот на славење. Познато е дека некои верници го слават цел ден додека некои во попладневните часови си ги извршуваат своите полски и други обврски. Кај нас во Македонија, Галичник е симболот на прославата на овој величествен ден. Но Галичник е село иселено до корен. Само во Гостивар има повеќе познати галички семејства. Тука своето гнездо одамна го свиткале Ќипровци, Тримчевци, Куковци, Бундалевци, Ѓиновци, Кузмановци, Цинцаровци, Каркинци, Јуруковци, Пендаровци, Брезовци и многу други, кои често повторно ги менувале адресите населувајќи се во други места од Македонија. Со години, во „Нова Македонија“, познатиот гостиварско-галички новинар Киро Кипроски пишуваше со изразени чувства и до детали за празнувањата во ова мијачко село „Станбол на ќутук пишано“. Почитуваниот беше врвен познавач на сите адети што се случуваа при изведбите на Галичката свадба и тешко е дури и приближно да се повтори сличен опис на тие случувања. Како посебен куриозитет, ќе го истакнам и раскажувањето на еден од ветераните и гостиварска легенда Русе Ќипровски–Ќеаја за печалбарскиот живот на галичаните. Неговиот татко, чика Страте, заедно со браќата Стрезо, Славко и Стефо, заминале како млади дечиња на печалба и работеле како коначари, односно момчиња што служеле во богатите куќи низ Солун, Александрија, Каиро и Киев. Тие простум ги извршувале домашните работи во куќите каде што служеле. На Петровден, галичаните се враќале дома и низ процесот на групна веселба, давале збор и се женеле. Над педесетина свадбени настани во еден празничен ден – Петровден.
Потоа ќе се простеле со невестите и домашните и повторно во тајфи – тајфи, заминувале назад на печалба. Зурлите, тапаните, „тешкото“ и адетите, биле белег што со себе го носеле во нивните души. Тоа бил белег полн со гнев поради разделбата со најмилите. Тоа бил белег на неизвесност за иднината во туѓиот свет. Нема повеќе да кажам околу празнувањата туку ќе речам нешто што можеби е рак-рана и на денешна Македонија. Некогаш селото морало да си го продолжи своето секојдневие и по Петровден или кое било друго празнување. Во далечните педесетти години од минатиот век, Галичник имал над 8.000 жители. Имал кино, килимарница, овчарска задруга, кашкавал и сирење што се продавале дури и во САД. Ако социјализмот во фаза на создавање индустриски работник ги натера луѓето да се симнат во градовите, тогаш зошто ние денес не учиме од тоа искуство? Тажно е во Галичник да нема „дуќан“, да нема пекара со исклучително вкусен леб месен на тарун, да нема луѓе што ќе го поздрават дојденецот. И што е најзначајно, нема стада овци како во минатото. А сѐ е толку прекрасно идилично и полно историја…
Врти сучи, се чини дека во животот на луѓето, сѐ се сведува на потребата од постоење природен непријател. Едноставно, без него нема живот. Тажно и досадно е без непријател, пишман сме ако го има и ако ни се заканува. Антагонизам или синоним за спротивност на најтежок облик на општествени противречности. Што е тоа што ме поттикна за еден ваков запис? Актуелниот американски претседател Доналд Трамп го одржа своето празнично обраќање до американскиот народ на територијата на Јужна Дакота, под Маунт Рашмор. Во нејзините карпи се изделкани ликови на четворица американски претседатели; Џорџ Вашингтон, Томас Џеферсон, Теодор Рузвелт и Абрахам Линколн. Симболика, празнични тонови за 250 години од постоењето на САД, можеби и предизборни најави, ама и потсетување на комунизмот како природен непријател број еден. На спротивната страна е Москва со исто така природен непријател, а тоа е фашизмот со неонацистички белези, кои се сѐ поагресивни.
Ете во каков свет живееме ние најумните, најубави, најспособни, најмудри и најитри на планетава. Така ни одговара. Инаку ќе ни биде досадно, па ќе аздисаме и ќе збеснеме. Вака се празниме или од едната страна на природниот непријател или од другата. Најголем природен непријател на човекот е човекот. Едноставно, човекот ужива во таа бесконечна игра самиот со себе. Кај државните уредувања се случува исто. Па како и да не кога и нив ги смислил човечкиот ум. Тој се си подредил за да му биде токму. Ама не сите туку само оние што се привилегирани, па се избориле за својот статус низ разни демократски процеси во кои, за жал, има многу сопки. Тие се нарекуваат елити, кои освен за себе, би требало да се грижат за целиот свет. Ајде море! Па… гледаме како се грижат. Ова што сега се случува не е свет. За жал, тоа е дијагноза. Каква дијагноза? Едноставно, ќе појдеме од Десетте заповеди од Библијата и од антропологијата во која императивно е вклучен духот и симболите на хуманитарна преобразба на светот. И таму и ваму човекот стои како централна величина, која треба да стои на пиедесталот на вредности. Но се чини дека тој најмалку се почитува себеси.
Никако нема да ги оправдаме или да ги браниме големите криминални босови. Е сега големо прашање е дали над попот има поп. Актуелниот опис на состојбите во општеството во определени сфери на живеење може лесно да предизвика внатрешни бури и загрозување на статусот на елитите. Најчесто во силните општества, валканите алишта се перат надвор низ процес на воени кампањи додека на домашен терен тоа се одамна всадени државни непријатели. Штом се најдат во тесно, режимите императивно измислуваат „државен непријател број 1“. Додуша ги има повеќе ама се активираат според потребите, односно според природата на проблемите. Асоцијативно тој процес е прилежно нацртан од страна на Магнус и Бункер преку ликови од стрипот „Алан Форд“, тука спомнат честопати. Уште поизразен пример за државен непријател број 1 е арамијата Дрпни од стрипот „Максмагнус“ на истите автори. Величествена стрип-сатира. Овие ликови се дежурни кривци за сите деформации во системот. Тие се внесени во механизмот на владеење за да ја покријат неговата потреба да пронаоѓа измислени душмани против кои треба да се бори. Реториката притоа ги надминува дури и најатрибутивните грдотии против тој непријател. Навистина тотално конспиративен систем во кој владее амбиентот на деветтиот круг на Луцифер. Некој ќе рече, од каде сега од Галичник и традициите на природен непријател? Е па, на секоја убавина и она што ги подгрева чувствата, стои природен непријател. Кога нешто не оди како што треба, тој е тука. За секој случај, нели?
Љубомир Јованоски
































