- Првиот собир на репрезентацијата е закажан за 5 август во Крушево, каде што ќе биде одработен и првиот дел од подготовките. Македонија четврти пат во низа ќе игра на ЕП
Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски, го објави поширокиот список на кој се најдоа 18 одбојкари, за подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) годинава, четврто во низа за црвено-жолтите. Миленкоски стандардно се потпира на оние репрезентативци што го носеа товарот и досега. За разлика од настапот во годинашната Европска лига (ЕЛ), на списокот недостигаат младиот среден блокер Митко Спасов, кој ќе има обврски со селекцијата до 20 години во Зонските квалификации за ЕП 2027, како и либерото Ване Арапов, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Првиот собир на македонската репрезентација е закажан за 5 август, во хотелот „Монтана“, во Крушево, каде што ќе биде одработен и првиот дел од подготовките за ЕП 2026, кое ќе се одржи од 9 до 26 септември годинава во Италија, Бугарија, Романија и во Финска. Македонија ќе игра во групата Б во Софија, каде што покрај домаќинот Бугарија, со кој ќе го отвори ЕП 2026, на 9 септември, за ривали ги има и репрезентациите на Полска, Украина, Португалија и на Израел.
Македонија четврти пат во низа ќе игра на европските првенства во одбојка, откако во 2019 година го освои 17. место, потоа во 2021 беше на 23. позиција, а на ЕП 2023, одиграно во Италија, Македонија, Бугарија и во Израел, го освои 16. место. Актуелен европски првак е репрезентацијата на Полска. Најтрофејна селекција, пак, со 12 злата е поранешниот СССР, а втора е Италија со седум.
Состав: техничари: Ѓорѓи Ѓоргиев (Алтерна СВВБ, Франција), Давид Стојанов (Штип УГД), Лука Ристоски (Работнички 71/22); коректори: Никола Ѓоргиев (Карловарско, Чешка), Стојче Арсов (Штип УГД), Кристијан Илијев (Струмица 47/72); примачи: Александар Љафтов (Штип УГД), Владо Милев (ВРЦК, Унгарија), Лука Костиќ (Анагенисис, Кипар), Стојан Илиев (Штип УГД), Тоше Ефремов (Чрнуче, Словенија), Јован Милев (Струмица 47/72); средни блокери: Филип Маџунков (Леувен, Белгија), Филип Савовски (Панатинаикос, Грција), Михајло Мирасчиев (Штип УГД); либера: Костадин Ричлиев (Штип УГД), Филип Јованов (Хоче, Словенија) и Дарко Жабев (ГОК Борец). Г.И.































