Фото: Нова Македонија

Основното јавно обвинителство Тетово поведе две одделни постапки за случаи на семејно насилство, во кои осомничени се 50-годишен и 32-годишен маж.

Во првиот случај, 50-годишник е осомничен за кривичното дело „Загрозување на сигурноста“, а јавниот обвинител побарал од Судот да му биде определен притвор.

Според Обвинителството, осомничениот на 20 јули сериозно ѝ се заканувал на сопствената сопруга пред таа да даде исказ во обвинителството во врска со претходна пријава за семејно насилство. Од неа барал да изјави дека претходниот инцидент не се случил и дека нивниот семеен живот е без проблеми.

Откако дознал дека жената останала на претходниот исказ, телефонски ѝ се заканил дека ќе ја убие, поради што таа не се вратила во семејниот дом. Осомничениот потоа отишол на нејзиното работно место, каде пред нејзиниот претпоставен викал дека не смее да работи таму и повторно се заканувал дека ќе ја убие. Заканите ги повторил и пред родителите на оштетената, предизвикувајќи чувство на страв и несигурност.

Во вториот случај, ОЈО Тетово поведе постапка против 32-годишник осомничен за кривичните дела „Телесна повреда“ и „Загрозување на сигурноста“, исто така сторени во услови на семејно насилство.

Според сомневањата, на 19 јули во семејниот дом во Тетово тој физички го нападнал својот татко, удирајќи го со тупаници по главата и телото. Откако оштетениот успеал да се засолни во друга просторија, осомничениот продолжил да му се заканува дека ќе го убие.

За второосомничениот, јавниот обвинител предложил мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за редовно јавување во Судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и контакт со оштетениот.