Шестемина кандидати за генерален секретар на Обединетите нации денеска ќе ги претстават своите визии пред Генералното собрание, една недела пред официјалниот почеток на изборниот процес за нов шеф на светската организација, која се соочува со сериозни политички и финансиски предизвици.
Кандидатите ќе одговараат на 90-минутни прашања од дипломати, вработени во ОН и претставници на граѓанското општество на јавен настан што ќе започне во 23 часот по средноевропско време и ќе се емитува на телевизијата „Блумберг“.
За наследник на Антонио Гутереш се натпреваруваат Мишел Башелет (Чиле), Марија Фернанда Еспиноза (Еквадор), Рафаел Гроси (Аргентина), Ребека Гринспан (Костарика), Керолин Родригес-Биркет (Гвајана) и Маки Сал (Сенегал), пренесе МИА.
Претседателката на Генералното собрание, Аналена Бербок, оцени дека дебатата претставува ретка можност кандидатите јавно да ги претстават своите идеи, приоритети и визија за иднината на организацијата.
– Во сè пофрагментиран свет, на Обединетите нации не им е потребен само добар администратор, туку лидер со интегритет кој ќе ја брани Повелбата на ОН и нејзините основни принципи – порача Бербок.
Изборот се одвива во период кога Обединетите нации се соочуваат со криза на доверба и финансиски проблеми. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја критикуваше организацијата поради, како што наведе, неефикасно трошење на средствата и недоволни резултати, барајќи фокусот повторно да биде ставен на мирот и безбедноста. Други земји, пак, инсистираат дека еднакво важни остануваат и човековите права и одржливиот развој.
Аналитичарот на Меѓународната кризна група, Ричард Гован, оценува дека актуелната трка е значително помалку динамична од онаа во 2016 година, кога беше избран Гутереш.
– Сите се согласуваат дека изборот е исклучително важен за иднината на ОН, но кандидатите водат претпазлива кампања, внимавајќи да не ги нарушат односите со САД или со другите постојани членки на Советот за безбедност – смета Гован.
Првото анонимно гласање на 15-члениот Совет за безбедност е закажано за 30 јули. Гласањето ќе продолжи во повеќе кругови сè додека еден кандидат не обезбеди најмалку девет гласа и не биде блокиран со вето од некоја од петте постојани членки.
Избраниот кандидат потоа ќе биде формално потврден од Генералното собрание и ќе ја преземе функцијата на 1 јануари 2027 година.
Според аналитичарите, директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси и натаму важи за благ фаворит, но силна поддршка имаат и Ребека Гринспан и Керолин Родригес-Биркет, па исходот останува неизвесен.
Согласно традицијата на географска ротација, која не секогаш се применува, најголемиот дел од кандидатите овојпат доаѓаат од Латинска Америка.
































