Фото: Царина

Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречија обид за криумчарење на 348 грама златен накит, проценет на околу 1,3 милиони денари.

Како што соопшти Царинската управа, случајот бил откриен при детална контрола на автомобил што влегувал во државата. Во возилото патувале сопружници, македонски државјани со живеалиште во Белгија.

При прегледот, во чантата на сопатничката биле пронајдени 26 парчиња златен накит, кои не биле пријавени пред царинските органи.

Поради случајот, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднело кривична пријава против жената за кривичното дело „криумчарење“, казниво согласно Кривичниот законик.

Од Царинската управа информираат дека од почетокот на годинава се евидентирани 13 случаи на криумчарење злато, при што се запленети повеќе од 2,5 килограми златен накит и златни монети.