Iran
Фото: ЕПА

Американската војска соопшти дека започнала нова серија напади врз воени цели во Иран, продолжувајќи ја операцијата 12-та ноќ по ред, пренесе „Њујорк пост“

Според Американската централна команда (CENTCOM), нападите започнале во раните утрински часови по иранско време, околу 23.30 часот по средноевропско време во средата.

 – Мисијата ќе продолжи дополнително да ја намалува способноста на Иран да им се заканува на цивилните морнари и трговските бродови кои пловат низ регионалните води – соопшти ЦЕНТКОМ на платформата „Икс“.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не верува оти Техеран е подготвен да постигне договор.

 – Секогаш кога Иран ќе се согласи на компромис, се обидува да го промени. Не е подготвен, но ќе биде многу брзо – изјави Трамп, порака што многумина ја толкуваат како индиректна закана.

Претходно тој упати и подиректно предупредување, наведувајќи дека САД ќе „бомбардираат и уништат“ мостови или електроцентрали во Иран доколку земјата повторно нападне бродови во Ормуската Теснина. Во објава на „Трут Соушл“ посочи дека потенцијални цели би можеле да бидат инфраструктурни објекти во Техеран и неговата околина.

Иранските медиуми јавија дека две лица загинале во американски ракетен напад во близина на граничниот премин Шаламче кон Ирак, додека во друг напад биле погодени воени позиции во Бушер.

Во исто време, Иранската револуционерна гарда соопшти дека танкер се запалил откако активирал мина при обид да мине низ минираниот јужен коридор на Ормуската Теснина. Според Техеран, уште два танкери што пловеле по истиот коридор го промениле својот курс.

Револуционерната гарда тврди дека Ормуската Теснина е под целосна контрола на Иран и дека пловниот пат е затворен. Во соопштението се наведува дека сите бродови што имаат намера да поминат низ теснината ќе мора претходно да ја координираат пловидбата со иранските власти.