Метаморфозата е чуден биолошки процес на трансформација… Од гасеница до пеперутка и пак гасеница, перпетуум мобиле… Таква е некако и метаморфозата на Љубчо Георгиевски од претседател на партијата ВМРО-ДПМНЕ, преку потпретседател на претседателот на Републиката до премиер и Бугарин во Софија… Човекот не се откажа од последното, ама не се откажа ниту од милионите – гради хотели, маркети, згради, а сѐ е мерливо и одредливо меѓу приходите и расходите, изворите и менторите… Човекот што нудеше размена на територии и население меѓу Македонија и Албанија во 2001 година врз основа на договор со српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ, како што самиот вели во неговите мемоари, што претставува велепредавство на нацијата и државата, човекот што ги нарекуваше социјалдемократите србомани затоа што тие го нарекувале бугарофил, а отиде во владина коалиција со СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ, човекот чија кариера започна со шеснаесетзрачното златно-жолто сонце на партиските книшки, а отпосле тврдеше дека тоа е грчки симбол, несериозно е да зборува, уште помалку да се слуша за македонско-бугарските односи! И мора да го демистифицираме, затоа што го труе јавниот простор во Македонија со цел индоктринација на Македонците во денационализацијата Бугари – официјалните антимакедонски политики на Софија.
Денес, Љубчо Георгиевски е главен мегафон на Софија во Македонија. Не оти некој му верува, си чита човекот бугарска литература и ја прераскажува бугарската лажна историја за Македонија, пишувана во историските комисии на Централниот комитет на Бугарската комунистичка партија. Да, можеби Љубомир Д. Фрчкоски му верува, заедно се во емисии на поткасти, ама сето тоа е евтин театар, универзитетскиот професор остана со многубројни скандали од времето кога беше министер за внатрешни работи во првиот парламентарен состав, тоа ниво го задржа до денес… Исто како што Владо Бучковски, осуден на казна три години затвор за резервните делови за бугарските тенкови, не може да посредува ниту да нуди решение за односите меѓу Македонија и Бугарија!
Се разбира, ова не е распетие и линч, туку промеморија за една метаморфоза, од идол до антипод, од антибугарофил до софиски врховист, од антички Македонец до Бугарин и за тоа никој друг не му е виновен, освен самиот тој! Дежа ви – Македонија не пати од дефицит на демократија туку од суфицит на врховизам. А врховизмот не е етничко, туку геополитичко прашање и значи: сервилност на определена номенклатура, која во отсуство на доверба од сопствениот електорат, мандат за власт во Македонија бара од некоја друга и туѓа метропола. Во 20 век тие метрополи биле Белград, Софија и Атина, во 21 век тие метрополи се Брисел, Стразбур и Вашингтон. Но за работите да бидат појасни, бидејќи баба лаже, рог не, да почнеме од апотеоза, катарза, екстаза, делириум, велепредавство и некролог…
АПОТЕОЗА…
Љубчо Георгиевски ја започна својата кариера како антички Македонец со Александар Македонски и шеснаесетзрачното златно-жолто сонце на црвена основа на партиските книшки кога беше на чело на ВМРО-ДПМНЕ… На митингот во Скопје на 7 ноември 1990 година, Љубчо Георгиевски, непрепознатлив во однос на тоа што е денес, вели: „Европа нема да дозволи инвазија врз Македонија, затоа што војната во Македонија ќе биде Балканска војна, Балканската војна ќе биде Европска војна, а Европа тоа нема да го дозволи… Наша трагедија беше поделбата на Македонија во 1912 година. Но не забораваме дека Македонија беше центар на збиднувањата! Македонија беше центар во кој се раѓаат идеите! Македонија беше центар од кој тргнуваат идеите! Македонија беше центар од кој тргнуваат војските! Македонија беше центар од кој почнуваше сѐ и во кој завршуваше сѐ! Ние сакаме да ја повикаме Европа, ние сакаме да го повикаме Балканот и да му кажеме, дека и Европа и Балканот ќе се обединуваат во Македонија! Оваа библиска Македонија е демократија повеќе од 2.000 години! Сакаме да го потсетиме Македонецот, дека токму од оваа наша почва македонска, тргнаа војските на Александар Македонски и наметнаа една култура на цела Азија и Европа! Сакаме да го потсетиме Македонецот дека од територијата на Македонија тргна културата во целиот империјалистички свет! Сакаме да го потсетиме Македонецот дека во Македонија дојде Свети апостол Павле и оттука ја христијанизира цела Европа! Сакаме да го потсетиме Македонецот дека оваа наша Македонија дала многу императори! Сакаме да го потсетиме Македонецот дека во оваа наша Македонија е родено богомилското движење, кое ја растресе цела Европа! Сакаме да го потсетиме Македонецот дека токму во оваа Македонија се родени Светите браќа Кирил и Методиј, кои ѝ го дадоа словенското писмо на пола Европа! Сакаме да го потсетиме Македонецот дека оваа Македонија беше една од најбогатите турски провинции во Отоманската Империја, од Босна и Херцеговина до Египет! Сакаме да го запрашаме Македонецот, дали случајно беше тоа што повеќе од дваесет века Македонија беше центар на светот и Европа?“…
КАТАРЗА
По многубројните обвинувања од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ како бугарофилска партија, бугарските летоци на Тито Петковски, за Љубчо Георгиевски како бугарофил, следуваше негова изјава во интервјуто на МТВ со водителот Љубиша Николовски, во 1991 година: „Во ВМРО-ДПМНЕ верувајте навистина нема никакво бугарофилство! Нашата политика е многу јасна! Ако веќе први ја исфрливме идејата за една потполно независна самостојна македонска држава, верувајте дека ние немаме намера никогаш да скршнеме од таа идеја… Кои се интересите на ВМРО-СМД во Бугарија и во Македонија, да се докаже дека ВМРО-ДПМНЕ е бугарофилска партија, навистина не ми е јасно…“
ЕКСТАЗА
По расколот со Светскиот македонски конгрес, екскурзиите во Канада со МПО, контактите во Бугарија, по расколот во ВМРО-ДПМНЕ, регистрацијата на ВМРО-Народна партија, следува нова фаза во развојот на метаморфозата кај Љубчо Георгиевски, за него во Македонија „нема“ Македонци, македонскиот народ е пројугословенски, неговата матична партија одеднаш „стана“ бугарофилска партија… Во интервјуто на 28 мај 2010 година со новинарот Васко Ефтов во емисијата „Во центарот“ на ТВ Канал 5, Љубчо Георгиевски вели: „Македонскиот народ е во суштина пројугословенски народ и мислам граѓаните на Македонија, македонската држава ја чувствуваат како товар, а не како нешто што им доаѓа од срце. Основната поента е да се има самостојна и независна македонска држава, а за тоа како граѓаните во таа држава ќе се определуваат, дали Албанци, дали Турци, дали Власи, дали Срби, Бугари, (Македонците никаде не ги спомнува, м.з.) тоа е прашање на демократските принципи. Од 1990-та, па до 2002 година кога јас заминав, можам слободно да ви кажам дека ВМРО-ДПМНЕ беше партија на бугарофили! Слободно можам да ви кажам, дека две третини од членовите на Извршниот комитет перманентно биле таканаречени бугарофили! Педесет отсто од членовите на Централниот комитет биле таканаречени бугарофили! Како што и во рамките на Османлиската Империја таканаречените македонски бугарофили ја покренале идејата за самостојна и независна држава, така и во 1990 година беше истиот проблем. Јас од 1990 година, во Македонија сум разговарал, сум се среќавал со илјадници бугарофили, стотици од нив се јавни личности, многу од нив и денес се во раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Тие бугарофили не плачат за Бугарија. Проблемот е во толкувањето на македонската историја. Македонски бугарофил е човек што вели дека е дел од македонската нација (нација како демос, а не како етнос-народ, м.з.) и јазик. Но од интелектуални причини не сакам некој да ме лаже дека македонската и бугарската нација не биле една нација! Тие имаат друга свест за македонската историја. Деведесет и девет отсто од тие што беа спомнувани во медиумите како бугарофили и беа бугарофили. Идејата за самостојна независна Македонија е фундирана преку Гоце Делчев (бил Бугарин, а не Македонец, затоа што учел во бугарско воено школо, м.з.), Христо Татарчев, Тодор Александров, Ванчо Михајлов (а зошто Михајлов не бил Србин, бидејќи работел како српски даночен инспектор во Штип, м.з.)! Тоа е самостојна Македонија! Кога некој ќе ми каже дека Тодор Александров и Ванчо Михајлов биле македонски Бугари, а Гоце Делчев и Даме Груев што биле? Ние не можеме да живееме со фалсификати во нашата историја. Македонската нација денес е варијанта на српската нација! Македонскиот народ денес не сака сопствена македонска држава! Македонскиот народ најсреќен ќе беше да останеше во Југославија! Во раните 1990-ти години, кога се формираше ВМРО-ДПМНЕ, тоа беше партија што се бореше против србоманството на СДСМ и против пројугословенството (ама на крајот отиде во коалиција со СДСМ, м.з.). Денес, парадокс е, што таа рејугословенизација на Македонија ја прави партијата што јас сум ја создал! Тоа за што сум го обвинувал СДСМ, денес го прави ВМРО-ДПМНЕ во Македонија… Со кадрите не ми оди работата… Судирите од 1990 г., па до крајот во ВМРО се лични, никогаш не биле на релацијата македонисти – бугарофили. Проблемот на идентитетот е шпекулација и манипулација со македонските граѓани. Ние секогаш треба да сме македонска нација и македонски јазик. Името е сосема друго прашање… Тезата за Александар Македонски е дело на грчката пропаганда во Македонија (иако 16-зрачното сонце беше симбол на партиските книшки во негово време, м.з.). Ние постојано влегуваме во некои работи, де сакаме да крадеме од Грците, де сакаме да крадеме од Бугарите, де сакаме да крадеме од Албанците. Од Србите не крадеме, оти најкомпатибилни сме со нив! Не можеме со таа историја да продолжиме! На Македонија ѝ се случува нова рејугословенизација на македонската нација. Груевски е носител на тој процес!“
ДЕЛИРИУМ
На 11 февруари 2012 година, следува интервјуто на ТВ 24 часа.
Љубчо Георгиевски: И нели, со онаа приказна тие го бранат името, сите други што сакаат компромиси, брза евроинтеграција на нашата земја се предавници на Република Македонија. Тука се тие етикети национален предавник, национален издајник, ваков тип на предавник, онаков тип на предавник.
ТВ 24: Бугарштината ја поврзувате со ова? Она што постојано се врти околу Вас?
Љубчо Георгиевски: Не, не. Тоа си е старо, тоа е од деведесеттата година.
ТВ 24: Никако да излеземе од тој волшебен круг на бугарштината којашто постојано ја поврзуваат со Вас. Вие велите, со последните изјави, дека сега во ВМРО-ДПМНЕ освен србомани, има и бугарофили. Ги наведувате токму експретседателот Марјан Додовски и неговата сопруга?
Љубчо Георгиевски: Па видете сега, дали сум бугарофил?! Јас апсолутно можам да ви кажам дека на некој начин се чувствувам дека сум бугарофил. Како и кај нив, една четвртина од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Зошто сметам дека сум бугарофил? Прво, заради неколку причини. Затоа што сметам дека историјата кажува дека македонскиот и бугарскиот народ, ако ја тргнете оваа официјална историја на страна, кога ќе ги погледнете фактите, ќе видите дека македонскиот и бугарскиот народ во историјата биле најблиску и имале најголема соработка. И јас постојано повикувам историчари, доктори на науки, да изберат кој сакаат дуел, за да зборуваме за таа македонско-бугарска историја.
ТВ 24: Се сложувате заедно да ги славиме овие празници, она што беше доставено и до Европската комисија, односно парламентот како предлог од Бугарите и што влезе во резолуцијата за Македонија?
Љубчо Георгиевски: Па, некои празници и некои настани и не можете да не ги славите заедно ако сакате да бидете објективни.
ТВ 24: Илинден?
Љубчо Георгиевски: Илинден? Илинденското востание се вика Илинденско преображенско. Значи…
ТВ 24: Значи, велите сте бугарофил. Сепак, ги потврдувате со ова, или ги ширите работите?
Љубчо Георгиевски: Не, не, не, вака! Бугарофил сум затоа што сметам дека имаме лажна историја. Не затоа што треба ние денеска да бидеме со Бугарија. Бугарофил сум затоа што ние перманентно отвораме војна со Бугарија таму кај што треба и кај што не треба. И затоа што сметам дека од Бугарија, еве почнувајќи од самостојноста и признавањето на Република Македонија до денеска, ние добиваме глобални и стратешки поддршки. Се плашам дека со оваа политика ние ќе ја изгубиме глобалната поддршка од Бугарија непотребно, затоа што постојано измислуваме некои проблеми од наша страна“.
ВЕЛЕПРЕДАВСТВО
На 8 февруари 2012 конечно пристигна демантот за молкот на Љубчо Георгиевски има или нема бугарско државјанство од службената интернет-страница на претседателот на Република Бугарија. Имено, поранешниот бугарски потпретседател Ангел Марин, ополномоштен од тогашниот бугарски претседател Ѓорѓи Прванов за потпишување на указите за прием во бугарско државјанство, на службената интернет-страница на претседателот на Република Бугарија, во интервјуто дадено на 21 јули 2006 година за весникот „24 часа“ со новинарката Диана К’нчева, вели дека на 23 февруари 2006 година потпишал указ за прием во бугарско државјанство на Љубчо Георгиевски според неговото „бугарско потекло“. Потпретседателот на Република Бугарија, Ангел Марин, вели: „Бугарското потекло на Георгиевски е докажано!“
НЕКРОЛОГ
Љубчо Георгиевски е трајно минато свршено време за Македонците и за Македонија во целина, уште помалку може да биде репер на Софија за неизживеаната романса на Бугарија за Македонија, според зборовите на бугарскиот претседател Петар Стојанов од интервјуто за бугарскиот магазин „Л’Еуропео“ во 1999 година. Љубчо Георгиевски изгуби секаков морал и кредибилитет да дели лекции по историја и демократија во Македонија, затоа што неговата цел е реализација на други и туѓи интереси за Македонија и во Македонија. Повеќе и не постојат Македонци во светот што сѐ уште му веруваат, освен што е интересен за соседните разузнавачки служби и за СДСМ во намерата за реализација на сценарија за дестабилизација на Македонија и за рекомпонирање на власта поради промена на државното име Македонија, страст за власт и сласт за моќ и пари. За жал, Љубчо Георгиевски од власта си замина како милионер! Да не спомна некој потекло на имотот и конфискација на криминално стекнатиот капитал?
На 20 јули 2012 година, Светскиот македонски конгрес поднесе кривична пријава до јавниот обвинител на Македонија, против Љубчо Георгиевски, поранешен претседател на Владата на Република Македонија, за кривично дело загрозување на територијалната целина на државата од членот 307 на Кривичниот законик. Љубчо Георгиевски во периодот на 2001 година, како премиер со мандат од 1998 до 2002 година, презеде дејствија за отцепување на територијата на Република Македонија и дел од таа територија да ја припои кон Република Албанија. Љубчо Георгиевски откако стапил во разговори со тогашниот премиер на Република Србија, Зоран Ѓинѓиќ, договорил дел од таа територија на општините Гостивар, Тетово и Дебар да се отцепи од Република Македонија и да се припои кон Република Албанија, а територијата на Мала Преспа, односно делови околу Преспанско Езеро, да се отцепи од територијата на Република Албанија и да се припои кон територијата на Република Македонија. Во реализацијата на таа цел се обидел да ги поттикне подносителот на пријавата Тодор Петров како претседател на Светскиот македонски конгрес и академиците проф. д-р Никола Кљусев, проф. д-р Ѓорѓи Ефремов и Блаже Ристовски. Горенаведените дејствија, Љубчо Георгиевски ги презел спротивно на уставната обврска како премиер да ги штити уставниот поредок и унитарноста на државната територија, иако на 30 ноември 1998 година пред Собранието на Македонија дал свечена изјава дека ќе го чини тоа. За жал, јавниот обвинител ја отфрли пријавата. Велепредавството остана неказнето, ама за Македонците незаборавено… Метаморфозата е чудо на природата, ама велепредавството е кривично дело на човекот… Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот!
Тодор Петров
































