Донесената забрана за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и за подготвување храна останува во сила сѐ додека со лабораториски анализи не се потврди нејзината безбедност, истакна вчера директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, додавајќи дека надлежните продолжуваат да ја следат состојбата и да преземаат соодветни законски мерки за целосно расчистување на случајот и за отстранување на причините што довеле до состојба во која е загрозено здравјето на граѓаните. Тој, осврнувајќи се на спроведените контроли, напомена дека, според утврденото, во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение, се поставени пумпи што директно пумпале вода од реката Вардар во овој водоснабдувачки систем.
Директорот информира и дека продолжуваат инспекциските контроли над операторите со храна во Гостиварско. Целта на вонредните засилени мерки, според него, е прецизно да се утврдат изворот на контаминација, степенот и обемот на загаденоста, како и да се обезбедат нови релевантни лабораториски резултати врз основа на кои ќе бидат преземени сите понатамошни мерки во конкретниот случај.
Миланов напомена дека стручни лица на Институтот за јавно здравје зеле четири мостри од водата од резервоарот, каптажата, од површинска вода и од јавна чешма во џамија, за лабораториско тестирање, со цел утврдување на нејзината безбедност.
– За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ веднаш издаде време забрана за употреба на водата за пиење. Во текот на вчерашниот ден, активностите беа значително проширени, при што инспекциски служби на Агенцијата за храна и ветеринарство земаа дополнителни мостри, и тоа од целиот водоснабдувачки систем, вклучително и од јавни установи, градинки, угостителски објекти и други што ја користат водата од овој водоснабдувачки систем за пиење и за подготовка на храна. Во рамките на законските овластувања, агенцијата ќе ги преземе сите неопходни мерки против сите субјекти кај кои ќе се утврдат пропусти или непочитување на законските обврски. Апелираме до граѓаните доследно да ги почитуваат препораките на надлежните здравствени институции и локалните власти во однос на користењето на водата за пиење, сѐ до добивањето на конечните лабораториски резултати и целосното нормализирање на состојбата – потенцира Миланов и дополни дека АХВ зема официјални мостри од вода, а тестирање на примероците врши Институтот за јавно здравје, кој треба официјално да ги достави резултатите до АХВ.
Дивиот приклучок поставен на гостиварскиот водоснабдувачки систем не се наоѓал во заштитните санитарни зони, туку на околу 800-900 метри од последната точка опфатена со дозволата што ја имал Комуналец – Гостивар, беше информирано вчера на прес-конференција во Владата. Истовремено беше напоменато дека за овој приклучок, што е предмет на истрагата за загадувањето на водата во Гостивар, не е доставено барање до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, е децидна дека инспекторатот нема надлежност во однос на водата за пиење, ниту во однос на анализите, со што нема да коментира дополнителни околности, сѐ додека трае постапката пред надлежното обвинителство.
ОЈО треба да утврди како е дозволено на диво да бидат приклучени пумпите, според директорот на АХВ, Оливер Миланов, кој наведе дека пумпите можеби биле поставени ден пред да се случи хаваријата. Н.М.
Приведени и изведени пред судија тројца раководители во гостиварски „Комуналец“
Приведени се тројца раководители во гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ осомничени во истрагата за загадувањето на водата за пиење во Гостивар и изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд – Гостивар, откога Основното јавно обвинителство отвори истрага против нив за кривичното дело тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејства на загадување на водата за пиење.
Приведувањата, според првичните информации, се направени по наредба на ОЈО-Гостивар и се поврзуваат со состојбата на зголемениот број заболени во општината Гостивар.
Пред судија на претходна постапка биле изведени вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи.
Осомничените како соизвршители, според обвинителството, на 25 јуни наложиле поставување три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близината на преливната комора на системот за водоснабдување со цел да го тестираат притисокот на водата. При увидот извршен на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште биле во функција и преку нив се вршело пренесување вода со штетни материи во системот за вода за пиење.
Анализите на Институтот за јавно здравје покажале дека водата од површинскиот канал е многу загадена и неупотреблива за каква било намена, а загадување било констатирано и во примероците од каптираниот извор и од водоводната мрежа, поради што Обвинителството оцени дека постои основано сомнение за сторено кривично дело.
За мерките што ќе им бидат определени на осомничените ќе одлучи судија на претходна постапка. Основното јавно обвинителство – Гостивар соопшти дека истрагата продолжува со преземање дополнителни истражни дејства. Н.М.

































