Фото: Oпштина Велес

Успешно реализиран проектот „Лето во библиотеката“ во Велес

Дваесетина дечиња на различна возраст поминаа четири креативно исполнети дена во локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес. Тие беа учесници на циклусот работилници „Лето во библиотеката“, кој годинава се реализира во рамките на „Велешкото културно лето“.
За време на работилниците се родија нови другарства, се стекнаа нови знаења, се создадоа нови дела.
Деветгодишната Илина Дацева, веќе три години доаѓа на овие креативни дружби во библиотеката.
– Секое лето доаѓам во библиотеката. Тука доаѓаат писатели, илустратори и лектори и преку игри нѐ запознаваат со нивните професии. Јас кога ќе пораснам би сакала да бидам писателка. Веќе имам напишано многу песни и раскази и добив неколку награди за нив. Ветувам, ќе ви испратам мои песнички за страниците на „Колибри“ – ни рече Илина.

Јоана Веловски има само шест години, но веќе знае да чита и да пишува. Таа е најмалата учесничка на годинашниве работилници.
– Сама се научив да читам и да пишувам. Сега ја читам лектирата „Зоки Поки“ и многу се допаѓа. Убаво ми е на овие работилници затоа што се дружам со поголеми деца и со писатели – ни раскажа малечката Јоана.
Со прекрасните дечиња се сретнавме за време на работилницата „Со литература до екоавантура“, која ја реализираше уредникот на „Колибри“, поетот Филип Димкоски.
– Децата се запознаа со ликовите Вики и Влатче преку расказ од неговата нова, сè уште необјавена книга „Зелено гушкање“, а потоа ја покажаа својата креативност изработувајќи илустрации инспирирани од приказната. Во продолжение, учениците уживаа и во дел од поезијата на Филип Димкоски, а преку внимателно слушање на стиховите имаа можност сами да издвојат стихови што најсилно ги допреа и да ја изразат својата креативност – информираа од библиотеката.
Елена Карова сака да чита и да пишува, но сепак размислува да стане докторка или фризерка.

– Денес ми се допадна расказот „Вики и Влатче на гости кај стариот мудрец“ и нацртав цртеж инспириран од расказот – рече таа.
Учејќи го процесот на создавање на книгите, учениците со помош на библиотекарката Наташа Брезовска Богоевска ја основаа својата замислена издавачка куќа „Лето“ и секое дете создаде своја книга исполнета со реченици, стихови и илустрации.
Мила Кирова веќе четири години е дел од овие летни дружби со книгите во велешката библиотека и ужива во нив.
– За време на овие креативни часови ја создавам мојата книга „Танц камп“. Бидејќи одам на балет, а сега немаме часови таму, јас пишувам книга за моето искуство со балетот- раскажа Мила.

За важноста на визуелниот изглед на книгите, дечињата учеа од илустраторката Евгенија Андреева. Тие научија како преку илустрацијата да ја оживеат приказната.
На завршниот настан, дечињата ги претставија пред родителите своите први авторски книги и покажаа дека нивната фантазија нема граници.
– Во нивните мисли ги откривме нивните желби и соништа, а во нивните насмевки – љубовта кон книгата. Најубаво беше што сите си заминаа со нови другарства, прекрасни спомени и една заедничка желба еден ден да станат вистински писатели и да ја држат в раце својата објавена книга – велат организаторите.

Ф.Д.