На годинашното издание на „Струшките вечери на поезијата“
Дел од учениците што го изучуваат македонскиот јазик во Република Хрватска летово беа гости крај водите на реката Црн Дрим и на крајбрежјето на Охридско Езеро. Тие со нивната наставничка Ивана Брезовец пристигнаа во Струга токму за време на „Струшките вечери на поезијата“, кои се одржаа кон крајот на јуни.
Во рамките на проектот „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“ беа одбележени 165 години од печатењето на Зборникот на браќата Миладиновци, 65 години од основањето на „Струшките вечери на поезијата“ и 35 години од постоењето на Заедницата на Македонците во Република Хрватска.
– Посетата на градот на мостовите и доживувањата во родниот град на браќата Миладиновци значеа враќање на изворот на нашиот јазик, значеа создавање нов мост во сегашноста што ги поврза сите досегашни позитивни искуства на македонскиот и хрватскиот народ. Учениците имаа голема чест да се запознаат со претседателката на Република Македонија и да ги пренесат своите впечатоци од посетата на Македонија. Да ги пренесат своите знаења за македонскиот јазик што ги стекнуваат во своите училишта – нѐ информираше професорката Ивана Брезовец.
Девет ученици стана новите амбасадори што ја добија Цветиновата награда за мир и на тој начин ја понесоа пораката за љубов во Република Хрватска. Посетата на родната куќа на браќата Миладиновци, посетата на градот Охрид и на голем дел од историските знаменитости претставуваше за нив едно прекрасно животно искуство, кое го дополни топлината на македонскиот народ.
Стиховите од нивните песни се силни и искрени и ја претставуваат носталгијата кон родната земја, земјата на нивните родители во која живеат традицијата и нивните прекрасни спомени. Во Република Хрватска се вративме полни се убави настини за кои ќе зборуваме уште многу долго. Како просветен работник се трудам да ги поместувам границите на остварливото и се трудам на учениците што го изучуваат предметот Македонскиот јазик и култура преку дела да им ја доближам вредноста на земјата, која за нив е прекрасна, весела и полна со убавини, кои се видливи и преку македонскиот јазик – истакна Брезовец.
Професорката е координаторка на овој проект, кој е под закрилата на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, а одобрен и финансиски поддржан од Министерството за наука, образование и млади на Хрватска.
Ф.Д.
































