Судбината на советскиот циркус

  • Од збирката колумни згрижени во серијалот насловен „Мерил Стрип во Скопје 2014“… поодамнешна размисла на темата „Културата како методологија“

Историјата на циркусот во поранешниот Советски Сојуз го бележи импресивниот податок дека секојдневно два милиона луѓе посетувале циркус во 73 постојани државни циркуски арени, изградени во советската империја како дел од глобалниот концепт на планирање на духовните суптилни сфери на советскиот човек. Комунистичките лидери сметале дека циркусот треба да биде една од најважните уметнички форми. Таа беше проектирана како државна претприемничка линија со министер на чело, со цел и задача супервизија и глорификација на државната идеологија во циркуската арена. Со распадот на советскиот модел, многу од артистите на овој диригиран и некогаш толку важен уметнички жанр се низ светот во потрага по парче леб, а многу од нив одвај преживуваат и се снаоѓаат во новонастанатите транзициски услови.
Културата на нашите простори, освен фазата на предимензионирање, што е природен и логичен процес и последица на стеснувањето на културниот простор со осамостојувањето, ја доживува во некоја рака судбината на советскиот циркус.
Многу од протагонистите на културното живеење останаа затекнати во новонастанатите културни услови и во состојба на шок затворени во магичниот круг на некритичка исклучивост, негирање и себесожалување, никако да ја согледаат суровата и динамична димензија на уметничката метаморфоза.
Од друга страна, силно заплиснати од бурниот технолошки развиток, аналогните уметнички генерации се исправени пред сериозна задача за правовремено детектирање на потенцијалот на новите медиуми што во извесна смисла е суштинска претпоставка и вруток на новиот сензибилитет и пред предизвикот на продолжениот простор на уметничкото дејствување низ кој треба да се движат според ритамот на перцепција на сегашноста и глобалните медиумски параметри и законитости.
Вештачката интелигенција (АИ), во современиот микрочип на мал простор, може да содржи милијарди информации, теоретски достапни секому и во секој миг. Но ноторен факт е дека АИ-информациите сами по себе не претставуваат спознание, цинично ќе забележат традиционалистите, не земајќи го предвид медиумскиот карактер на стварноста како појдовна рамка што налага еден нов вид поимање на уметноста, редефинирање и проширување на онтолошката рамка на спознанието. Зарем е помалку уметност создавањето атрактивни видеоигри… мноштво извонредни можности за разновидни креации што со својата динамична визуелност сè повеќе нѐ привлекуваат и нѐ претвораат во театар, во кој сме и гледачи и артисти. Креативниот нов сензибилитет може да се забележи и на рабовите на сè поатрактивната медиумска графика или кај интензивниот маркетинг.

Слободно и со право можеме да ги прогласиме за уметност современиот графички дизајн на шпиците и џингловите или доброто одбирање лица со висока телевизуелност, или континуираната духовитост и високоартистичка изведба на одделни епизоди на секвенцијалот на „К-15 продукција“, „Зевзекманија“, понекоја од непресушните Македонски народни приказни итн.
За креативен уметнички чин може да се окарактеризираат и директниот телевизиски пренос и одделни телевизиски жанрови. Зарем преносот на натпреварите за Формула 1 не е автентична уметност и креативен чин? Изгледот и креацијата на болидите, фасцинантната рекламна иконографија, одличната поставеност на камерите што формираат монтажен простор, временска и просторна истодобност во која активно се вклопуваат над милијарда гледачи.
Секоe продолжение е посебна епизода во која основниот динамичен дел е драматуршки конзистентен и непредвидлив, местото на случување – различно. Директните фудбалски преноси од англиското фудбалско првенство, шпанската Примера, италијанското Калчо, севкупно – висок естетски чин во духот на новото време. Фактот дека тој е еднаква информатичка и естетска наслада за милијарда консументи е силна потврда за демократскиот потенцијал на овој жанр.
Mожеби ќе прозвучи малку еретички и претенциозно, но денес телевизијата (одредени нејзини сегменти) и како средство и како содржина слободно можеме да ја окарактеризираме и да ја прогласиме за творечки производ, културна сила и виртуелна проекција во чија т.н. заднинска механика на изработка учествуваат над 200 различни профили и е резултат на силна синергија на креативна енергија.

Уметничкото творештво со силниот технолошки подем многукратно се демократизира и во услови на глобалната медиумска експанзија добива неверојатно големи шанси за промоција на квалитетни идеи, креативен авторски потенцијал, што во никој случај не подразбира исклучување и негирање на традиционалниот израз и на културните вредности, туку реално димензионирање и мудра стратегија за постапно и правилно искористување на можностите на уметничките суптилни сфери како моќно орудие на човечкото дејствување.
Идејата на овој текст не е да иронизира и да повлекува паралели, затоа што циркусот како уметничка форма не заслужува да биде извалкан со такви споредби. Напротив, целта е овој достоинствен и тежок жанр – како референца за една автентична уметност од пред глобално-медиумската експанзија – да ја пронајде својата логична врска со модалитетите и концептот на планската, идеологизирана уметност, чие ехо сè уште се чувствува во некои делови од нашето културно живеење.

Аљоша Симјановски