Во светот што доаѓа, нафтата повеќе нема да биде единственото богатство по кое ќе се мери силата на една држава, туку тоа била и секогаш ќе биде водата, клучниот ресурс што ќе ја одредува иднината на секој народ и неговата држава. Оној што ќе има чиста вода, ќе има здравје, производство, економија и перспектива, а оној што нема, ќе се соочува со кризи, кои ќе бидат многу потешки од сите досегашни.
Ние во оваа наша Македонија ја имаме водата колку што сакаме, Господ бил дарежлив кон нас, па така, нема место каде што нема некој извор, поток, река, а имаме и прекрасни езера. Токму затоа, кон водата не смееме да се однесуваме насилнички. Не смееме да ја загадуваме, да ја расфрламе и да ја злоупотребуваме како да е неисцрпен ресурс. Примерот со Гостивар покажа колку малку е потребно еден град прекуноќ да остане без најважното нешто за живот, здравствено исправна вода за пиење. А кога ќе се загрози водата, директно се загрозува и здравјето на луѓето. Сега од нормално функционирање, одеднаш ќе се чека во редици пред цистерни, ќе се купуваат пакети амбалажирана вода и луѓето ќе си ја чукаат главата како ќе се искапат, како ќе ги исперат алиштата, како ќе ја вршат основната хигиенска практика.
Но Гостивар не е осамен случај. Истото тоа го видовме и во Струга пред извесно време. Истото тоа се случува и во многу други македонски градови каде што квалитетот на водата постојано е под ризик. Минатото лето дел од скопјани на своја кожа почувствуваа што значи со денови и недели да нема нормално водоснабдување. Замислете, во 21 век граѓани останаа без вода до тој степен што не можеа да ги извршуваат ниту најосновните животни потреби. Енормното градење на Скопје ја оптовари и мрежата, паѓа притисокот и половина град нема вода. Тоа не смее да стане новото нормално, оти ако Скопје остане без пивка вода, тогаш џабе се и луксузни станови, куќи, атрактивни локации и слично. Без вода и со екстремно загаден воздух во зима, би било мазохистички некој да сака да живее во град што е закана по неговото здравје.
Но нејсе, сето ова покажува само едно – дека нашиот однос кон водата мора целосно да се промени. И за тоа не треба да измислуваме топла вода. Треба да учиме од државите што одамна сфатиле дека водата е прашање на национална безбедност.
Еден од најдобрите примери е Израел. Земја што нема природни водни богатства какви што ги има Македонија, а сепак успеала да обезбеди доволно вода за населението, земјоделството и за индустријата. Не затоа што имала повеќе извори, туку затоа што вовела ред и максимално ја искористила технологијата.
Во Израел управувањето со водата е централизирано. Постојат институции што имаат јасни и силни овластувања. Тие ја утврдуваат цената на водата, ја следат потрошувачката и определуваат колку е разумно едно домаќинство да троши. Ако некој ја надмине дозволената потрошувачка, плаќа повеќекратно поскапо.
Тоа значи дека нема бесконечно полнење базени со пивка вода како кај нас, нема секојдневно прскање тревници и наводнување на цвеќињата, нема ладење бетонски дворови среде лето и други скапи егзибиции на сметка на ресурс без кој нема живот.
Токму затоа и Македонија треба сериозно да размисли за формирање единствено државно тело што ќе управува со сите водни ресурси. Не уште една агенција на хартија, туку институција со вистински надлежности и одговорност, дури и посилно од Владата ако лично се прашувам.
Тоа тело треба да ја планира изградбата на водоводната мрежа, да ги контролира приклучоците, да ги определува количествата што ќе се испорачуваат до секој регион и да се грижи водата што стигнува до секоја чешма да биде здравствено исправна. Треба да планира и посебни системи за наводнување на земјоделските површини, кои нема да користат вода од градските водоводи, туку вода од посебни бунари и други извори наменети за таа цел, како прочистени отпадни води.
Пред сè, водата мора да биде државен ресурс со кој ќе се управува единствено според јавниот интерес. Не може секое село, секоја општина или секое локално претпријатие да одлучува по свои правила дали ќе даде вода, кому ќе даде и колку ќе даде. Таквиот пристап создава хаос, а хаосот секогаш завршува на штета на граѓаните.
Истовремено, мора да има нулта толеранција за кражбите на вода и за дивите приклучоци. Она што беше откриено во Вруток сигурно не е единствен случај. Такви импровизации има на многу места низ државата. Колку такви диви пумпи, цевки и слични „изуми“ постојат, човек за глава да се фати. И тоа се решава, но треба некој сериозно да излезе на терен и да ја провери целата мрежа.
Локалните водоводни претпријатија очигледно не можат сами да ја завршат таа работа. Добар дел од нив се користат како места за партиски вработувања, па често некои од луѓето наместо на терен, си бркаат приватни работи само затоа што добро стојат со шефот и слично. Некаде тие претпријатија немаат средства, а некаде, за жал, вработените премногу добро се познаваат со тие што ги прават неправилностите, па си го имаат она „ја на тебе, ти на мене“. И така со години се замижува пред проблемите, сè додека не се случи инцидент како оној во Гостивар.
Истото го гледаме и во Тетово. Апсурдно е град што лежи под Шар Планина, од каде што извира чиста планинска вода, да има проблем со квалитетот на водата за пиење. Причината не е природата, туку исклучиво човечката немарност. Несоодветни интервенции, лошо изведени реконструкции, тендери без вистинска контрола и дотраена инфраструктура доведуваат до пукање на цевки, свлечишта и до ризик пивката вода да се измеша со канализацијата. И после не е важно што луѓето немаат вода, ама битно било отворена некоја спомен-соба во некое село, демек луѓето жедта ќе ја згаснат или ќе се измијат со тоа што ќе се воодушевуваат од делата на оние што речиси три децении им продаваат националромантизам, а во исто време си градеа хациенди во кои има и вода и базени и скапи автомобили.
Како и да е, водата не смее да биде заложник на импровизации, партиски интереси или на локални договори. Ако сакаме да го зачуваме ова богатство и за следните генерации, потребна ни е една команда, еден „Ел команданте“, едни правила и една институција што ќе носи одлуки врз основа на струката, а не на политиката.
Затоа што денес можеби ни изгледа дека водата секогаш ќе тече од чешмите, но искуствата од Гостивар, Струга, Тетово и од делови од Скопје, но и од многу други градови и населени места, ни покажаа дека тоа не е гаранција. Водата не е неисцрпно богатство. Таа е најважниот ресурс што го имаме. А најважните ресурси не се оставаат на случајност и импровизации, нели?
































