Фото: Влада

Владината портпаролка Марија Митева денеска порача дека Јавното обвинителство треба брзо и ефикасно да постапи во врска со случајот во Гостивар, каде е прогласена епидемија поради зголемениот број граѓани со стомачни тегоби, пренесе МИА.

На заедничка прес-конференција во Владата, Митева истакна дека, покрај навремената реакција на институциите, од клучно значење е да се утврди одговорност за да не се повторат вакви ситуации.

-Постапувањето на Јавното обвинителство во следниот период треба да биде брзо и експедитивно. Колку што е важно навременото постапување на надлежните институции, толку е важно и утврдувањето на одговорност со цел никогаш повеќе да не се случуваат вакви состојби – изјави Митева.

Таа нагласи дека институциите ги презеле сите активности во рамки на своите законски надлежности, а дел од обврските ги реализирале во рекордно краток рок, иако, како што посочи, тие во голема мера се во надлежност на локалната самоуправа.

Митева потсети дека обезбедувањето непречено водоснабдување на жителите во услови на забрана за користење на водата за пиење е обврска на Општината.