Министерството за здравство во ниту еден момент не криело информации за состојбата во Гостивар, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски, пренесе МИА.
Тој посочи дека уште во саботата јавно соопштил дека првите случаи на лица со стомачни тегоби биле регистрирани на 13 јули и нагласи дека Министерството ќе продолжи транспарентно да ја информира јавноста.
-Јас бев првиот што во саботата информирав дека првите случаи се регистрирани на 13 јули. Министерството за здравство и јас ќе продолжиме транспарентно да ги соопштуваме податоците бидејќи немаме што да криеме – рече Клековски.
Според него, првата официјална информација за случувањата во Гостивар до Министерството за здравство пристигнала во петокот околу 13 часот.
Клековски информираше дека досега се евидентирани речиси 3.100 здравствени контакти, вклучувајќи прегледи во Здравствениот дом и Општата болница, телефонски јавувања и интервенции на Итната медицинска помош.
Тој додаде дека првиот лекарски преглед бил извршен на 14 јули, а на 19 јули за првпат било забележано намалување на бројот на новопримени пациенти.
Министерот најави дека денеска ќе заседава и Комисијата за заразни болести, која по разгледување на состојбата ќе донесе соодветни препораки.
































