Општина Гостивар од денеска воведува дополнителни мерки за справување со состојбата предизвикана од загадената вода за пиење. Активиран е Кризниот штаб, а ќе биде отворена и телефонска линија преку која граѓаните ќе можат да побараат помош и достава на вода за пиење, пренесе МИА.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти градоначалникот Ваљбон Лимани, кој најави дека Кризниот штаб наскоро ќе одржи седница и ќе носи препораки и мерки за поддршка на населението.
-На мој предлог веќе е активиран Кризниот штаб и во најкус рок ќе заседава. Ќе им помага на сите граѓани на кои им е потребна поддршка – изјави Лимани.
Тој информираше дека во текот на денот ќе се одржи и вонредна седница на Советот на Општина Гостивар, на која ќе се разгледаат дополнителни мерки за справување со кризата.
Општината ќе објави и официјален телефонски број преку кој граѓаните што не се во можност сами да обезбедат вода ќе можат да побараат достава до своите домови.
-Мобилни екипи ќе доставуваат вода до лицата кои не можат да излезат од дома – рече градоначалникот.
Лимани нагласи дека локалната самоуправа е во постојана координација со сите надлежни институции и дека веднаш по објавувањето на резултатите од анализите ќе започне дезинфекција и прочистување на водоводната мрежа, како и засилени контроли за што побрзо да се обезбеди безбедна вода за граѓаните.
На прашање дали чувствува морална одговорност за настанатата состојба, Лимани одговори дека не, но потврди дека директорката на ЈП „Комуналец“ и дел од раководството задолжено за водоводниот систем се суспендирани до завршување на постапката.
-Не чувствувам морална одговорност бидејќи јавното претпријатие е посебно правно лице кое управува со системот. Доколку беше поинаку, првата оставка ќе беше мојата – изјави Лимани.
Тој додаде дека проблемите со водоснабдувањето во Гостивар траат со години, главно поради недостиг на вода, и посочи дека изградбата на нов водоводен систем е еден од приоритетите на локалната власт.
Вонредната седница на Советот на Општина Гостивар е закажана за 15 часот.
































