Фото: „Нова Македонија“

На Армискиот полигон „Криволак“ денеска ќе се одржат активности во рамки на мултинационалната НАТО-вежба „Neptune Strike 26-03“, во која ќе учествуваат воздухоплови на земји-членки на Алијансата, пренесе МИА.

Според соопштението на Генералштабот на Армијата, воздухопловите ќе бидат наведувани од два тима за наведување на борбена авијација (JTAC), составени од припадници на вооружените сили на Обединетото Кралство и Армијата на Северна Македонија.

Воената вежба „Neptune Strike 26-03“ се реализира во периодот од 17 до 23 јули и опфаќа учество на сојузнички поморски, воздушни, копнени и мултинационални сили.

Целта на вежбата е да се зајакнат способностите на НАТО за интеграција и командување со мултинационални сили при изведување мултидоменски операции (Multi-Domain Operations – MDO), во согласност со единствениот оперативен концепт на Алијансата, информираат од Генералштабот на Армијата.