Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата денеска ќе донесе одлука за намалување на акцизите за безоловниот бензин и дизел-горивото, со цел да се ублажат последиците од растот на цените на нафтата на светските пазари.

Говорејќи по посетата на Општина Велес, Мицкоски рече дека повторното зголемување на цените на нафтата, предизвикано од воените случувања во Персискиот Залив, претставува сериозен предизвик за македонската економија.

 – На денешната вонредна владина седница ќе ја продолжиме кризна состојба и во нејзини рамки ќе ги намалиме акцизите за безоловните бензини и дизел-горивото. Со тоа ќе придонесеме за намалување на цените и очекувам Македонија и натаму да има меѓу најниските цени на горивата – изјави Мицкоски.

Премиерот оцени дека економските показатели се охрабрувачки и изрази очекување и во вториот квартал да биде забележан солиден раст на бруто-домашниот производ.

Според него, во април градежниот сектор забележал раст од над 40 проценти, двоцифрен раст има и во трговијата, додека позитивни резултати се евидентираат и во туризмот.

 – Ќе биде тешко поради надворешните околности, но нема да очајуваме. Имаме план, а буџетот се полни дури и над нашите очекувања – рече премиерот.

Тој истакна дека Владата редовно ќе ги сервисира сите буџетски обврски, а платите и пензиите ќе продолжат да се усогласуваат согласно законските решенија и колективните договори.

Мицкоски изрази задоволство и од реализацијата на капиталните инвестиции, нагласувајќи дека голем дел од проектите веќе се во фаза на реализација.

 – Очекувам наскоро да започне изградбата на брзата пруга на Коридорот 10. Во исто време ќе се градат шест автопатски делници, а една веќе е пред завршување. Верувам дека граѓаните во периодот што следува ќе ги почувствуваат резултатите од сето она што го работиме – рече премиерот.

Во одговор на новинарско прашање, Мицкоски ја критикуваше опозицијата, оценувајќи дека нејзините прогнози за економски проблеми и други кризи не се оствариле и дека Владата ќе продолжи со реализација на својата економска и инфраструктурна агенда.