- Филмот „17“ на режисерката Косара Митиќ ја освои наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм во рамките на Филмскиот фестивал во Ерусалим
Македонскиот игран филм „17“, долгометражното деби на режисерката Косара Митиќ, оствари уште еден грандиозен успех на меѓународната сцена. На свечената церемонија одржана во Ерусалимската кинотека, филмот ја освои престижната ГВФФ-награда за најдобар меѓународен дебитантски филм во рамките на 43. издание на Филмскиот фестивал во Ерусалим, најважниот кинематографски настан во Израел.
Наградата е финансиски поддржана од Германското здружение за заштита на филмски и телевизиски права (ГВФФ), а за победникот одлучуваше реномирано меѓународно жири во состав: Корина Харфух, Марк-Беноа Креансие и Јона Розенкиер. Во своето официјално образложение за доделување на наградата, стручното жири истакна: „Наградата за најдобар дебитантски долгометражен филм му припаѓа на филмот ’17’ на Косара Митиќ. Станува збор за суров, бескомпромисен и силен уметнички удар. Филм исполнет со гнев и исклучително вешта кинематографија, кој го предводи неверојатно талентирана режисерка и извонредна актерска игра. Филмот прикажува едно долго премолчувано насилство со кое конечно мора да се соочиме“.
Филмскиот фестивал во Ерусалим, основан во 1984 година, секоја година прикажува над 200 најдобри арт-хаус остварувања од целиот свет (вклучувајќи ги и победниците од Кан, Берлин и „Санденс“), привлекувајќи околу 70.000 филмски професионалци и ентузијасти. Победата на „17“ на овој фестивал го етаблира филмот како еден од најзабележителните меѓународни дебитантски остварувања годинава. Ова големо признание доаѓа по исклучителниот почеток на фестивалскиот пат на „17“. Имено, во февруари годинава, филмот ја доживеа својата светска премиера во официјалната натпреварувачка програма „Перспективи“ на 76. Меѓународен филмски фестивал во Берлин (Берлинале). Со тоа, „17“ стана првиот дебитантски македонски игран филм во изминатите 26 години што се натпреварувал во официјална компетиција на еден од светски фестивали од „големата тројка“ (Берлин, Кан, Венеција). Добивањето на наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм на Филмскиот фестивал во Ерусалим, по лансирањето на „17“ на Берлинале, претставува огромен триумф за македонскиот филм, докажувајќи дека нашите филмски автори со своите храбри и универзални приказни рамноправно го освојуваат светот.
Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и „СЕЕ синема нетворк“. Сценариото е потпишано од Косара Митиќ и познатиот хрватски автор Огњен Свиличиќ. Продуцент на филмот е „Црна Мачка продукција“, во копродукција со „Арт енд попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем филмс“ од Франција.
Главните улоги во ова остварување ги толкуваат младите и исклучително талентирани актерки Ева Костиќ и Мартина Даниловска, а актерската екипа ја сочинуваат и Жаклина Стефковска, Ана Стојановска, Даме Јовески, Оливер Митковски, Александра Пешевска, Симеон Дамевски, Ева Стојчевска, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ и Алина Христовска.
































