ФУДБАЛ
- Меч за трето место на СП не е игран само двапати. Годинава дуелот за место на подиумот е утре, од 23 часот, во кој Франција ќе игра за својот трет бронзен медал, а Англија за првиот
За разлика од, на пример, европските фудбалски првенства, на светските шампионати се играат и натпревари за третото место, за освојување на бронзениот медал. Годинава на Светското првенство (СП) дуелот за третата позиција е утре, од 23 часот, во кој Франција ќе игра за својот трет бронзен медал (претходно го освои на мундијалите во 1958 и во 1986 година), а Англија за првиот. Франција досега одигра три вакви меча на СП, а Англија два.
Репрезентацијата на Германија е најуспешната кога се во прашање овие мечеви за трето место на светските првенства, со четири победи и еден пораз. Германија, која има најмногу пласмани меѓу најдобрите четири репрезентации на мундијалите, победи во ваквите дуели на СП во 1934, 1970, 2006 и во 2010 година, а има и четири светски титули (1954, 1974, 1990 и 2014 г.), четири сребрени медали (1966, 1982, 1986 и 2002 г.) и едно четврто место (1958 г.).
На таа листа на победници во мечеви за трето место на СП, зад Германија, со по два бронзени медала се Бразил, Полска, Франција и Хрватска, а по еднаш трети по директен дуел за бронзен медал беа Австрија, Чиле, Португалија, Италија, Шведска, Турција, Холандија и Белгија. Натпревари за трето место не се играа на планетарните првенства во 1930 и во 1950 година.
На европските првенства (ЕП) меч за трето место не се игра од ЕП во 1984 година, а од 17-те шампионати натпревар за бронзен медал имало само на првите шест (заклучно со ЕП 1980). Европската фудбалска унија (УЕФА) одредува дека селекциите што загубиле во полуфиналето се на делба на третото место. Од другите континентални фудбалски натпреварувања, на Копа Америка од 1993 година постојано се игра натпревар за бронзен медал (досега вкупно на 14 од 48 одиграни првенства), на Купот на нациите на Африка се игра од третиот шампионат, во 1962 година (освен во 1976 година), на Купот на Азија се играл од 1972 до 2015 година (на 12 од 18 шампионати), на Купот на Океанија од 11 првенства не се играло само двапати (во 1996 и во 2016 година), на Голд-купот на Северна Америка не се одржува ваков меч од 2017 година (на пет првенства по ред, а од вкупно 18 шампионати натпревар за трето место се играл седум пати). Вкупно, од седум големи натпреварувања (светско и шест континентални) во моментов дуели за трето место не се играат на првенствата на Европа, Азија и на Северна Америка. Н.М.
ПОБЕДНИЦИ ВО МЕЧ ЗА БРОНЗЕН МЕДАЛ
Германија 4 1934, 1970, 2006, 2010
Бразил 2 1938, 1978
Полска 2 1974, 1982
Франција 2 1958, 1986
Хрватска 2 1998, 2022
Австрија 1 1954
Чиле 1 1962
Португалија 1 1966
Италија 1 1990
Шведска 1 1994
Турција 1 2002
Холандија 1 2014
Белгија 1 2018
ДОСЕГАШНИ НАТПРЕВАРИ ЗА ТРЕТО МЕСТО НА СП
СП ДВОЈКА РЕЗ.
1930 не е игран меч за бронзен медал
1934 Германија – Австрија 3-2
1938 Бразил – Шведска 4-2
1950 не е игран меч за бронзен медал
1954 Австрија – Уругвај 3-1
1958 Франција – З. Германија 6-3
1962 Чиле – Југославија 1-0
1966 Португалија – СССР 2-1
1970 З. Германија – Уругвај 1-0
1974 Полска – Бразил 1-0
1978 Бразил – Италија 2-1
1982 Полска – Франција 3-2
1986 Франција – Белгија 4-2
1990 Италија – Англија 2-1
1994 Шведска – Бугарија 4-0
1998 Хрватска – Холандија 2-1
2002 Турција – Јужна Кореја 3-2
2006 Германија – Португалија 3-1
2010 Германија – Уругвај 3-2
2014 Холандија – Бразил 3-0
2018 Белгија – Англија 2-0
2022 Хрватска – Мароко 2-1
































