ФОТО: Пиксабеј

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови ограничувања за патување од Демократска Република Конго (ДР Конго) поради ширењето на еболата, соопшти претставник на Белата куќа.

Според новите мерки, американските државјани кои се наоѓаат во ДР Конго, како и оние кои неодамна престојувале во земјата, нема да можат директно да се вратат во САД со цивилни летови. Исклучок ќе има само за лицата кои претходно ќе поминат најмалку 21 ден во трета земја, стои во соопштението на Цантарот за контрола и превенции на болести на САД.

Според официјалните податоци, од почетокот на епидемијата во ДР Конго се регистрирани 1.926 случаи на ебола, а 702 лица починале од последиците на болеста.

Околу дваесет американски државјани требало денеска да отпатуваат од ДР Конго за САД. Од Стејт департментот најавија дека ќе им обезбедат поддршка додека го поминат задолжителниот 21-дневен период надвор од Конго.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) во петокот соопшти дека американски државјанин, кој работел за хуманитарна организација во ДР Конго, бил позитивен на вирусот ебола.

Во понеделникот уште еден американски државјанин заразен во ДР Конго беше примен на лекување во Универзитетската болница во Франкфурт, Германија. Во истата болница во мај беше хоспитализиран и трет американски државјанин заразен со вирусот.