„ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН“
Историските преданија за Гоце Делчев, како многу важен дел од македонската фолклористика, овозможуваат увид во колективните спомени на македонскиот народ за ликот и делото на Делчев. Неговата организаторска и револуционерна дејност, која е прикажана не само во историските податоци туку и во преданијата, оставила голема трага на овие простори. Првата посериозна научна студија за историските преданија за Гоце Делчев е напишана од Танас Вражиновски, кој со својата работа во минатиот век го има истрасирано патот на идните истражувачи. Студијата е објавена во големата книга со материјали од симпозиумот одржан во 1972 година во Штип, по повод 100-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Во неа пишува:
„И така, неуморниот Гоце, ќе ја помине сета Македонија – од град во град, од село во село, од куќа во куќа за да го организира народот, за да создаде месни борбени организации од луѓе готови својот живот да и го посветат на својата измачена татковина, оставајќи зад себе неизбришливи траги и трајни спомени кај населението на соодветната месност, за потоа да прерастат во народни кажувања и преданија, со кои го овековечуваат неговиот историски лик.
За таа цел тој е готов да се преправи во трговец, ќумурџија и уште што не, да се преоблече во разновидна облека, за да може послободно и побезбедно да се движи, да не биде забележан и фатен од непријателот. Ќе го видиме како се шета по селото Марвинци, продавајќи една свиња со неколку свинчиња: ’Е, се собрал народот да откупува прасенца. Арно, ама он скапо им сака за да не ги продаде. Гоце Делчев ги шета овие прасиња низ селото и гледа кој што работи и што сè говори‘. Како што видовме тука, целта не му беше да продава прасиња, туку да се запознае со селското население и да организира во селото месна организација. Со такви примери ќе се сретнеме и во други преданија, што ќе ги одбележиме во продолжение на оваа работа. Откако ќе се запознае со Димитрија Гошев и неговите блиски, ќе им ја објасни целта на неговото доаѓање: ’Јаска не дојдов прасиња да продавам, туку дојдов поради тоа што отворуваме организација, да можеме да ги искорениме од тука Турците!‘²
И одеднаш продавачот на свињи во нашите очи ќе се претвори во еден одличен организатор, ненадминат проповедувач на идеите на македонската револуција, искажани со разбирлив и достапен јазик за сите собрани и секавично ќе им ги плени срцата и умовите на своите сонародници, а тие решително и цврсто ќе ја изразат својата готовност да тргнат по патот што тој им го покажувал.
Во селото Баровица, Воденско, преоблечен во варџиска облека ќе се јави како мајстор за правење вар. Но и тука ќе дознаеме дека целта не му беше да прави и продава вар: На утрото испадна да го види теренот, дали има убав камен за вар. Арно, ама кога ние се научивме после, на него не му било за да праве вар, туку му било за да го виде теренот за позиции, за да ги пречека Турците. Во нашето село Баровица имаше многу јак народ за борба… А Гоце беше во варџиски алишта. Таму, од Солун нагоре, има едно село Грдобер, од таму се варџиите. Он, во варџиски руби, не можеше да разбереме кој и каков човек е. И едно веле и друго веле. Веле за вар, арно, ама ги пита луѓето:
Абе луѓе, спремни ли сме ние. Турчинот да го откорниме од тука?
Можеме, можеме и треба да ја ослободиме Македонија, да биде наша!
Една од главните задачи на Делчев беше и да контролира како работат месните организации, со какви проблеми и тешкотии се среќаваат во својата секојдневна работа, така што неговиот дух беше присутен во секоја организација. Во селото Марвинци еднаш пристигнал качен на бел коњ, преоблечен како просјак. Со гусла свиреше и се шеташе од куќа во куќа за да дознае како работи тукашната организација: ’Сè така шетал додека дошло време да зајде сонцето. За да не предизвика сомневање пред да зајде сонцето оде и во субашата (управител на чифлик). И субашата испаѓа и му дава брашно и фасул. Потоа си оде Гоце!‘⁷
За начинот на оваа негова организаторска работа постојат неколку преданија, кои, главно, се сврзани со времето кога тој учителствуваше во Штип. Еден убав сончев ден, седел Делчев со градскиот фотограф пред неговата работилница. Во тоа време наминал кај нив новиот омбашија (десетар) и го замолил фотографот да дојди кај него за да го слика конакот и да им прати слика на своите родители коишто живееле негде далеку во Азија. Фотографот се согласил, но притоа решил да го искористи омбашијата. Го замолил него да му даде на Делчев еден коњ и еден заптија (полицаец) за да ги прошета селата, селските училишта и на лице место да види како работат учителите. Омбашијата, се разбира, се согласил. Му дал еден коњ на Делчев, му назначил еден заптија и тргнал низ штипските села. За да се ослободи од Турчинот, кого го имаше земено само и само да не возбуди сомневање кај Турците, решил да го опијани. На селаните им велел: ’колку што можете ракија!‘
Селаните не ја жалеле ракијата. Заптијата, кој и инаку ја сакал ракијата и тој не ја жалеше. Пиеше сè додека добро не се опијани. И така, Делчев, без никакви сомневања, можеше слободно да дејствува: ’… ги бери селаните, уредуе куриери, муриери, организира го Кумитетот‘.
Една од најсаканите и најуспешни улоги што ги играл во својата организаторска и револуционерна работа и во која најмногу го среќаваме во преданијата, е улогата на трговец. Во селото Митрашинци, во кое пристигнал Делчев, Турците, ’намирисале‘ нешто и ненадејно влегле во куќата на Ефтим, во која бил настанет Делчев. Дојдоа да проверат кој е новопристигнатиот гостин.
– Јас сум трговец! – Ќе им одговорел гостинот. ’Тука, кај него, биле кметот и попот. Попот Ефтим се тресел и кметот се тресел. Турците изјавувале дека има тука некој ѓавол, кој тука владее со овој народ‘ Бараниот ѓавол се наоѓал пред нив!
Градот Солун е опколен од Турците. Секој кој сака да влезе во градот е подробно претресуван. Во тоа време пред портите на градот пристигнал и Делчев. Во врска со ова негово доаѓање во Солун постојат две слични преданија. Сличноста е во тоа, што тоа се случува во еден ист ден, на Велигден и начинот по кој Делчев влегува во градот. Се разликуваат само по поводот за кој Делчев пристигнал во Солун.
Првиот случај е поврзан со веста која пристигнала до него според која, во Солун, падна решение за кревање на востание. Гоце, знаејќи, всушност, кој се главните иницијатори на едно вакво решение и што претставувала една ваква непромислена постапка за понатамошната борба на нашиот народ и за самата судбина на Македонија, тој побрзал да дојде во Солун, да ги убеди другарите за да го одложат востанието сè додека народот не се приготви добро и не се снабди доволно со оружје за да може успешно да се бори.
Вториот случај, е поврзан со намерата да ослободи 34 лица од солунскиот затвор…“
Повеќе за овој случај, со кој е поврзана една позната народна песна, како и уште историски преданија за Гоце Делчев ќе можете да читате во следното продолжение од нашиот фељтон.
М-р Никола Ристевски
(продолжува)


































