Фото: МВР/илустрација

Во засилените сообраќајни контроли спроведени изминатиот викенд низ државата, полициските службеници издале вкупно 1.426 платни налози, при што најголем дел од прекршоците се однесуваат на непочитување на дозволената брзина. За безобѕирно управување со возило биле лишени од слобода 64 лица, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според МВР, од вкупно 455 санкционирани возачи за брзо возење, меѓу приведените 11 управувале возило под дејство на алкохол, 27 без возачка дозвола, по едно лице било приведено за возење со брзина над дозволената во населено и надвор од населено место, а едно лице управувало возило и покрај претходно изречена забрана.

-Во истиот период одземени се 22 возила по член 300-б од Кривичниот законик. Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатиот викенд евидентирани се 187 прекршоци за неправилно паркирање, како и 61 санкција за возење под дејство на алкохол. Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани биле 126 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем. Исто така, санкционирани се 150 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 24 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а седум заради техничка неисправност. Санкционирани се и двајца возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата – фолии – информираа од МВР.

Од Министерството најавија дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период и повторно апелираа до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите со цел поголема безбедност на патиштата.