Германија на раскрсница: Подем на суверенизмот и масивен протест против либералниот поредок
- Поттикнат од анализата во „Нова Македонија“ во викенд-изданието, во врска со потенцијално високото, но реално влијание на претседателските избори во Франција во наредната 2027 година врз самата ЕУ, врз политиките на проширување на Унијата, како и врз евроинтегративниот процес на земјите кандидатки од Западен Балкан, а особено врз Македонија, се одлучив во наредните редови да го образложам и движењето во Германија, кое зема силен политички замав бидејќи постои блиска политичка паралела со Франција. Во Германија, тоа се политиките и политичката програма на партијата АфД (Алтернатива за Германија), која неминовно (ќе из)врши влијание во самата Германија, во Брисел и во ЕУ, а што е најважно за нас во Македонија, АфД ќе влијае и на политиките за проширување на ЕУ. А тоа дебело ја тангира и Македонија. Во следните текстови ќе се обидам однатре, како жител, граѓанин и бизнисмен во Германија, да ја образложам фактичката состојба на АфД на политичката сцена. Исто така, низ нивна призма, ќе ги претставам проекциите на оваа партија во подем за иднината на земјата, ЕУ и на Западен Балкан
Германија влегува во период на длабока политичка турбуленција. Она што пред неколку години изгледаше како периферна појава на незадоволство денес прераснува во сериозен предизвик за традиционалниот политички систем. Подемот на суверенистичките сили, пред сè на партијата Алтернатива за Германија (Alternative für Deutschland – AfD), покажува дека дел од германското општество повеќе не се препознава во политичките приоритети што со децении ги поставуваше либералниот центар.
За поддржувачите на ова движење, АфД не е само партија на протест туку израз на пошироко движење против чувството дека одлуките што го одредуваат секојдневниот живот на граѓаните се носат далеку од нив – во институциите на Европската Унија, особено во Брисел, а не во националните парламенти.
Бриселската елита како симбол на отуѓена политика
Во очите на суверенистичките и конзервативните кругови во Германија, но и пошироко, либералните елити на ЕУ претставуваат политички модел што ја намалува улогата на националната држава и ја зголемува моќта на наднационалните институции. Тие сметаат дека европската интеграција наместо да биде соработка меѓу суверени држави, постепено се претвора во проект на политичка централизација. Критичарите на овој процес тврдат дека граѓаните губат чувство дека имаат влијание врз одлуките за прашања како миграцијата, енергетската политика, економските правила и културните промени. За нив, Брисел стана симбол на систем што зборува за модернизација и напредок, но често ги занемарува стравувањата на дел од средната и работничката класа.
Судирот околу глобализацијата и „зелената (енергетска) агенда“
Еден од главните фронтови на конфликтот е односот кон глобализацијата. Суверенистите сметаат дека долгогодишниот модел на отворени пазари и преместување на производството во други делови од светот ја ослабнал индустриската база на Европа и ја зголемил зависноста од надворешни фактори.
Особено остри критики се упатуваат кон зелената транзиција. Додека либералните и еколошките партии ја гледаат климатската политика како неопходен чекор кон иднината, нивните противници од АфД ја доживуваат како идеолошки проект што создава дополнителни трошоци за домаќинствата и тешко ја загрозува конкурентноста на германската индустрија, што го аргументираат со реални и опипливи бројки и факти. Во оваа перспектива, климатските политики не се гледаат само како еколошко прашање туку како симбол на пошироката промена на општествениот модел. Најдлабокиот јаз можеби се создава околу културните прашања. Конзервативните традиционалисти во АфД сметаат дека дел од либералните политики премногу брзо го менуваат општествениот карактер на Европа – од семејните вредности и образованието до прашањата поврзани со родот и бракот. За нив, поддршката за еднополовите бракови, промените во разбирањето на традиционалното семејство и пошироките културни трансформации се дел од идеолошки пакет што го нарекуваат наметнување нова општествена норма.
Од друга страна, либералните кругови ги гледаат овие промени како проширување на човековите права и прифаќање на различностите. Токму тука се наоѓа една од најдлабоките линии на поделба во денешна Германија.
Германија е на штрек од политичка пресвртница
Она што го прави германскиот случај особено важен е историскиот товар на земјата. Секоја силна политичка мобилизација во Германија се набљудува со посебно внимание, и дома и во Европа. Се разбира, историјата е поука во врска со тоа. Но без оглед на политичките оцени, јасно е дека сѐ поголем дел од германските граѓани повеќе не се задоволни со старите политички формули. Тие бараат поголема контрола врз националните одлуки, посилна држава, заштита на традиционалните вредности и поинаков однос кон европската интеграција.
Европа пред нова политичка реалност
Подемот на суверенизмот во Германија не е изолиран феномен. Како што спомнав и понапред, слични движења се појавуваат низ повеќе европски држави, каде што расте незадоволството од политичкиот центар и од институциите што се доживуваат како далечни и бирократски. Прашањето што се поставува пред Европа не е само дали суверенистите ќе добијат поголемо влијание туку и дали традиционалните партии ќе успеат да ги разберат причините за ова незадоволство.
Германија, земјата што со години беше симбол на политичка стабилност, но наедно и на индустриски раст и развој и беше локомотива на Унијата, сега стагнира, па и назадува.
Германија, според многу мои соговорници, сега станува сцена на голема идеолошка пресметка: меѓу визијата за „поинтегрирана, либерална и глобализирана Европа“ и „барањето за Европа на национални држави, традиција и поголем народен суверенитет“.
Исходот од оваа борба ќе има последици далеку над германските граници.
Автор: Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија

































