Од ракометното минато (30)
- Ракометарите на Работнички имаа променливи настапи, па така, и покрај квалитетот не ги постигнаа посакуваните резултати
Во 1960 година, ракометарите на Работнички стигнаа до финалето на Купот на Југославија, но во завршниот чин немаа сили и загубија од Партизан од Бјеловар. Ова беше голема шанса, која дали од малодушност или, пак, поради силата на противникот не беше искористена. Сепак, самиот факт што „железничарите“ стигнаа до финалната пресметка покажува дека располагаа со големи квалитети и нивните симпатизери не беа разочарани по поразот во финалето на Купот. Истото тоа се однесува и за членовите на раководството на клубот, кои им упатија честитки за учеството во финалето на југословенскиот куп, а како награда за овој успех дојде и одењето на турнеја во Полска. Таму во градот Забже се одиграа неколку натпревари со прволигашки екипи на кои скопјаните уште еднаш ги манифестираа своите квалитети. За ова сведочат и изречените пофални зборови од домаќините, кои беа изненадени од квалитетниот ракометен состав од Скопје. Сето тоа покажуваше оти Работнички успешно го презентираше југословенскиот ракомет, кој и во тоа време играше значајна улога на европската сцена.
Турнејата во Полска добро му дојде на тренерот Славко Матовски, малку да ги опушти ракометарите, кои во текот на целата есен во таа 1960 година беа затегнати како виолински жици. Патот во Забже добро им дојде, а домаќините, кои беа очигледно задоволни од ова гостување на Работнички во нивната средина, на разделбата изразија желба повторно да се видат и соработката да продолжи. Меѓутоа, задоволството од ова гостување кај стручниот штаб на Работнички беше очигледно и од фактот што токму на натпреварите во Забже имаа можност да го видат во вистинско светло новото засилување во името на Александар Милиновиќ. Тој дојде од месниот ривал Графичар пред финалниот натпревар во Купот, но поради некои технички формалности поврзани со неговата регистрација не можеше да му помогне на својот нов клуб во овој значаен натпревар. Но тој ги покажа своите квалитети во следните сезони, кога стана еден од столбовите на екипата.
ФК Вардар по стапките на ракометарите
Учеството на Работнички, и покрај поразот во финалето на југословенскиот Куп, беше оценето како успешно и дотогаш единствено, барем што се однесуваше за еден македонски спортски состав. Поттикнати од постигнувањето на ракометарите, следната година и фудбалерите на Вардар се пласираа во финалето на југословенскиот Куп. Но, за разлика од нив, тие триумфираа во финалниот натпревар против екипата на Вартекс од Вараждин и го освоија Купот. Овие два резултата, настапот на Работнички во финалето и освоениот Куп од фудбалерите на Вардар, покажаа дека на македонскиот спорт му претстојат убави години. Потоа и кошаркарите на Работнички заиграа во едно куп-финале, но беа поразени од Црвена звезда.
Ова се успеси што се паметат и потврдуваат оти македонските екипи не играле епизодна улога на југословенската спортска сцена. За тоа дека ова не се празни зборови потврдува и фактот што одбојкарите на Вардар потоа станаа прваци на Југославија, а десетина години подоцна и фудбалерите на Вардар ја освоија шампионската титула. Но тука беше и крајот. По три-четири години се распадна поранешна Југославија и од тие моменти главната концентрација на спортските екипи од нашите простори беше македонската сцена.
Томановиќ најуспешен
Направив една мала дигресија колку да се потсетиме на успесите на македонските спортисти од времето на поранешната држава, а сега се враќам на она што е тема во овој серијал – ракометот.
Приказната ја завршив со гостувањето на Работнички во Полска, а годината, која беше успешна за Работнички, најави оти и во следниот период треба да очекуваме пријатни мигови со ракометарите.
Со оглед на тоа што ракометот стана наш репрезентативен спорт, крајот на годината со нетрпение се очекуваше за да биде објавена ранг-листата на најдобрите македонски ракометари. Околу првото место немаше никакви дилеми. Тоа му пропадна на Теофил Томановиќ, кој беше творец на многу победи на Работнички. Популарниот Тофо стана миленик, не само на ракометната, туку и на целата спортска публика, зашто тој го заслужуваше тоа. Покрај тоа што беше клучниот играч во составот на Работнички, тој во периодот што помина настапуваше и за југословенската репрезентација. Овде, задоволството на љубителите на ракометот да биде поголемо го дополни токму новиот член на Работнички, Милиновиќ, кој заедно со Томановиќ настапуваше за сениорската репрезентација на поранешна Југославија. Затоа, немаше дилема и околу тоа кој треба да биде втор на ранг-листата на најдобрите ракометари. Тоа место наполно заслужено му припадна на Александар Милиновиќ.
На ранг-листата, која секоја година ја објавуваше „Нова Македонија“, на третото место беше Жарко Ѓукиќ, кој беше еден од најдобрите голмани на тогашните југословенски простори, но не му беше дадена шанса за државната репрезентација. Очигледно тој не му беше по мерак на селекторот Иван Сној. Понатаму на ранг-листата на најдобрите следуваа Виктор Маерле од Работнички, пред клупските другари Бошко Загорац, Драган Геровски и Миле Кратовалиев.
По возбудливата есен, тешка пролет
Сега се враќам назад за да ја заокружам сезоната, за да видиме дали борбата на два фронта, Купот и првенството, оставија трага кај ракометарите. Есента беше исклучително напорна и нормално дека тоа се одрази на играта на тимот во продолжението од шампионатот, со оглед на тоа што во ноември 1960 година (цел месец) се играа мечевите за Југо-купот, во кој Работнички стигна до финалето. Меѓутоа, овде беше поразен од Партизан од Бјеловар пред неговите гледачи. По сите овие настапи, што беше и нормално, кај играчите се чувствуваше замор. Тоа во стручниот штаб, во кој сега беше и професорот по фискултура и ракометен тренер Божовиќ, добро го знаеја и мораше да се тактизира со тренинзите. Имено, беше потребно да се пронајде формула што ќе придонесе ракометарите да се одморат и да здивнат, а истовремено да ја креваат формата зашто ги очекуваше пролетниот дел. Во една таква ситуација мораше да се биде тактичен и да не се дозволи во подготвителниот период екипата да се префорсира. Среќна околност беше што временските услови – релативно благата зима – дозволуваа непречени тренинзи во Градскиот парк. Овде, секојдневно се тренираше и се чекаше почетокот на пролетниот дел од шампионатот. Меѓутоа, не само ракометарите туку и навивачите ги мачеше фактот што Работнички по првиот дел од Првата лига беше на осмата позиција со седум бода, колку што имаше и претпоследната Босна. Тоа најавуваше оти пролетта ќе биде пеколна. Малерот да биде поголем, уште на почетокот „железничарите“ требаше да го дочекаат шампионот Борац. Овде мали беа шансите за успех, па стручниот штаб сметаше оти добро ќе биде да ги зачува играчите, за да бидат свежи за следните дуели. Борац победи со 18-20, но на бањалучаните не им беше толку лесно како што очекуваа. По овој пораз, црвеното светло во Работнички веќе беше вклучено и сите очи беа свртени кон гостувањето кај следниот противник, Загреб. За среќа, овде се случи чудо. По првиот пораз во Скопје, ракометарите собраа сили и во еден исклучително тежок натпревар извојуваа победа, на туѓ терен само со еден гол разлика, 8-9. Овој резултат го врати оптимизмот и сега посмирено Работнички ги очекуваше следните противници.
Реванш за поразот во финалето на Купот
Од следниот противник трепереа сите. Скопјани со голема возбуда ја очекуваа репризата од финалето на Купот. Овој пат ривалите беа во сменети улоги, Работнички беше домаќин и нормално очекуваше бурно навивање и поддршка од верните навивачи, за реваншот против Партизан да биде успешен. И така беше. Во еден спортски амбиент и натпревар полн со искрења, скопјаните ја остварија целта и забележаа значајна победа со 16-14. Така, на бјеловарчаните им беше вратено мило за драго за поразот во финалето. Работнички сега осоколен тргна во борба за бегство од опасната зона за испаѓање.
Следниот натпревар со Црвена звезда во Белград беше приказна за себе. Малкумина очекуваа чудо, но тоа се случи, Работнички во една машка и борбена игра, како гостин среде Белград, ја декласира Звезда, победи со 15-18 и најави оти пролетта ќе биде уште поведра. Потоа дојдоа и двете домашни победи над Босна, со 19-14, и над Динамо (Панчево), со 25-12. На трите последни натпревари, Томановиќ беше најефикасниот играч со 12 гола.
Во последните две кола, кога Работнички веќе го имаше обезбедено опстанокот, доживеа два пораза, дома од белградски Партизан и на гости од Млада Босна. Доколку победеше во двата меча ќе имаше 23 бода и ќе се пласираше на третото место зад Партизан (Бјеловар) и Млада Босна. Вака со 17 бода остана на петтата позиција. Пласманот како пласман не беше за потценување, но кога ќе се земат предвид неколкуте пропуштени шанси, останува да се жали оти, според квалитетот, Работнички можеше да се пласира уште погоре на табелата.
Партизан од Бјеловар стана државен првак, па така, на победата во Купот ја придодаде и шампионската титула.


































