Интензивните врнежи од снег во изминатото деноноќие ќе овозможат од претстојниот викенд да започне скијачката сезона во планинскиот туристички центар Пониква на Осоговските Планини.
Дебелината на снежната покривка во моментов е десетина сантиметри, но најавите дека врнежите ќе продолжат ги израдуваа скијачите за кои се подготвуваат двете патеки со ски-лифтовите. На посетителите на располагање им стојат околу 400 легла во комерцијалните сместувачки објекти и во одморалиштето на МВР, а уште толку можат да се изнајмат во приватните викендички.
И покрај навремените подготовки за сезоната, од локалната самоуправа на Кочани потврдија дека топовите за вештачки снег, што ги донираше државната компанија МЕПСО, и годинава нема да бидат во функција бидејќи се оштетени.
-Заедно со колегите од Општина Пробиштип, кои го добија управувањето со топовите за снег и ратракот, бараме начин како да ги оспособиме, со оглед што несовесни посетители ги украле каблите за напојување со струја и друга придружна опрема. Исто така, оштетувања има и кај цевката за вода што е неопходна за вештачки снег, поради што сме изложени на непланирани трошоци за поправка. Сепак, се надеваме дека зимава ќе има доволно врнежи од снег што ќе овозможи скијачката сезона да се реализира според планот, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Пред почетокот на сезоната заврши поставен е нов асфалт на над 11 километри од патниот правец кон Пониква, а обврска за негово одржување има јавното претпријатие „Македонија пат“.
Од оваа сезона, покрај постојните 100, обезбедени се дополнителни над 300 места за паркирање.