Знаменитостите на Македонија
- Миладинов предавал на грчки, но често преведувал на македонски народен говор, со што ја приближувал наставата до учениците. Некои молитви ги превел од грчки на македонски народен јазик, напишани со грчки букви, за да можат свештениците да ги читаат во црквите. Тоа било првото систематско внесување на македонскиот јазик во духовниот живот – чекор кон неговата афирмација и заштита
Првите значајни промени во културниот живот на Кукуш се забележуваат со изградбата на црквата „Св. Ѓорѓија“, масивна градба завршена во 1835 година. Нејзината изградба била сенародно дело, симбол на заедничкиот напор и духовната сила на кукушани. Над влезната врата бил поставен камен натпис на црковнословенски јазик, јасен знак дека духовниот живот на заедницата се темели врз словенската традиција и врз стремежот молитвата да биде разбрана од народот. Тоа било првиот чекор кон афирмацијата на мајчиниот јазик во црковниот живот.
Во 30-тите години на 19 век Кукуш се наоѓал на крстопат меѓу различни културни влијанија. Македонската преродба во овој период не носела национален, туку културен карактер. Таа започнала со изградба на цркви и воведување на црковнословенскиот јазик во литургијата, а продолжила со отворање училишта – токму таму каде што се раѓала свеста за македонскиот мајчин јазик и неговата вредност. Првото училиште во Кукуш било отворено во 1825 година од страна на општината. Во него учителствувале елинистите Григориј, Хаџи Макариј и други, а наставата се одвивала на грчки јазик. Децата учеле пишување и црковно пеење, но училиштето не можело да ги задоволи просветните потреби на градот. Затоа кукушани, свесни за значењето на образованието, решиле да доведат школуван и способен учител. Изборот паднал на Димитар Миладинов – човек со македонско словенско потекло, кој во есента 1840 година пристигнал во Кукуш. Во исто време било изградено ново училиште, што ја симболизирало решителноста на граѓаните да создадат простор за мајчиниот јазик.
Миладинов предавал на грчки, но често преведувал на македонски народен говор, со што ја приближувал наставата до учениците. Некои молитви ги превел од грчки на македонски народен јазик, напишани со грчки букви, за да можат свештениците да ги читаат во црквите. Тоа било првото систематско внесување на македонскиот јазик во духовниот живот – чекор кон неговата афирмација и заштита. Миладинов ја отворал вратата за мајчиниот јазик во училиштата и црквите. По неговото заминување, во Кукуш учителствувал Андроник Јосифчев, ученик на Миладинов од Охрид. Но потребата за учители што ќе предаваат на македонски јазик останала голема. Во 1857 година кукушани повторно го поканиле Миладинов, заедно со Ксенофонт Жинзифов, и побарале учебници од архимандритот Партениј Зографски – напишани на мајчин јазик. Тоа било јасна порака: кукушани сакаат образование и духовност на свој јазик. Со пристигнувањето на Миладинов и Жинзифов, училиштата во Кукуш добиле нова сила. Жинзифов предавал во првото училиште, а Миладинов во класното. Наставата се проширила и во селата од кукушката околија, а децата од околните и подалечните места доаѓале да учат. Свештениците и граѓаните, без разлика на возраста, започнале да го изучуваат мајчиниот јазик. Во црквите молитвите сè почесто се пееле на разбирлив јазик – јазикот на народот. Тоа било вистинската преродба: културна, духовна и јазична.
Овој развој јасно покажува дека афирмацијата на македонскиот јазик во Кукуш не била случајна, туку органски произлегувала од најсветите и најважните институции на заедницата – црквата и училиштата. Црковнословенскиот јазик, внесен во литургијата, станал духовен мост меѓу вековната традиција и новите стремежи на народот. Во исто време, македонскиот народен говор, кој се користел во наставата, бил живиот глас на секојдневието, јазикот што ги поврзувал децата со нивните родители, учителите со учениците, свештениците со верниците.

Така, црквата и училиштето се претвориле во два столба на културната преродба: едното ја чувало духовната меморија, другото ја градело иднината преку знаење и просвета. Во нив се раѓала свеста дека јазикот не е само средство за комуникација туку и најсилниот чувар на идентитетот, достоинството и духовноста на еден народ.
Секоја молитва изговорена на разбирлив јазик, секоја лекција пренесена на мајчиниот говор, била чин на отпор против заборавот и наметнатата туѓа власт. Тоа било сведоштво дека јазикот е жив организам – тој не само што ја пренесува мислата туку и ја чува историјата, ја носи културата и ја пренесува љубовта кон татковината. Во Кукуш, преку црковнословенската литургија и народното училишно читање, македонскиот јазик добил нова видливост и сила. Тој станал мост меѓу минатото и иднината, меѓу предците и потомците, меѓу духовната традиција и современата мисла. И токму затоа, афирмацијата на јазикот во црквата и училиштата претставува најсилниот доказ дека јазикот е вечен чувар на народната меморија – наш прадедовски јазик, кој преку зборовите останува жив и бесмртен. Д.Ст

































