Сликата на рајот

(или како се уништува таа)

Еве сме во летото, најсветлата сезона, и сите сме растрчани како туристи, драг читателу, по сликата на рајот, која е проширена метафора за среќата на човекот. Со јазикот на митот тоа е сликата на вечното блаженство и светлина во срцето и душата, каква што е таа во сите религии, па и во христијанската, во Библијата. Тоа е сликата над лакот на виножитото над кој не може да се искачи човекот ни во сонот. Тоа го заклучил и Јунг во своите анализи на стотици соништа кај луѓето. Човекот може само да помине под тој лак бидејќи над него се небото, Бог и ангелите, сликата на рајот од кој биле избркани нашите прародители Адам и Ева поради гревот што го направиле, за што се казнети и сите што се раѓаат на светот по нив. Библиската приказна за тој настан е симболички шифрирана со дрвото на познанието и кобното јаболко што му го дала Ева на Адам, а нејзе ѝ го подала змијата. Тоа бил забранетиот плод од Господ, за што знаеле двајцата престапници и за што поради нивната слободна волја и љубопитност да го пробаат него тие од суровиот старозаветен Бог биле истерани од рајот. Всушност завиткан во шифриран целофан тоа бил, драг читателу, плодот на еротската страст вешто криена од теолозите.
Тоа е гревот што го направиле Адам и Ева по кој тие мора да го напуштат небесниот дом на вечноста и сјајот и да влезат во земната егзистенција на кусовечноста, соочени со ноќта и смртта. Според некои теолози, како што е тоа Ориген, гностичар од ранг, имено гревот што го означува падот и е вистинската причина за создавањето на материјалниот свет, вселената. Пред тоа тој бил само од светлина, бестелесен, какви што биле и Адам и Ева, кои по сторениот грев биваат телесни, создадени од прав, глина, и со смртта како казна пак во прав се враќаат. Вечноста ја снемува, а стапува на сцена ограниченото време на животот мерено во секунди, во капки и зрнца песок што паѓаат од водената и песочната клепсидра (првите измислени часовници), додека не се испразнат тие докрај. И тоа е најшокантното место за човекот, но тој за да не ја загуби колку-толку ведрата рајска слика ги пронаоѓа на земниот свет златните шифри на „рајска“ опстојба: свадбата, песната, свирката и орото, а потоа и уметноста. Но заедно со тоа е и обновениот копнеж по Бог, за враќање кон него. За таа возможност говори и Исус, искупителот од гревот, со чинот на воскресението лично демонстриран од него за што сведочат со своите евангелија апостолите.
Во ред. Шифрата на гревот според теолозите и „историската црква“, како што ја вика неа Берѓаев, е, според нив, во еросот меѓу мажот и жената, третиран исклучиво како негативен телесен нагон, кој по сила на приликите служи само за брачно продолжување на родот, а не и за божествена радост, која во крајната инстанца на човекот дури и му е подарена од Бог без прокуда на телото третирано како затвор за душата, и толку. Третирано како грев со неговите нагони, меѓу кои најпрокуден од теолозите е еротскиот, андрогинскиот на барање на целината преку спој на машкиот и женскиот принцип, кој е прогласен за грешен. Католиците поради тоа го завеле и целибатот, неженството, како влезна карта за враќање во рајот, но потоа се открија многу секси-афери, и педофилски, на неговото свештенство, оти, имено, непознавањето на природата на нагонот е зло по себе.

Да не зборуваме, пак, за тоа дека во некои периоди на „историската црква“, која му го натоварила гревот на човекот (посебно на западниот човек), ја профанизирала жената (Ева) до таа мера што ја прогласила за „седиште на ѓаволот“ како виновна за еросот на телото, кој меѓутоа е божествен, но не е божествено прочитан, за што говори и рускиот религиозен филозоф Мерешковски. Имено, говори за телото не како прокудена, туку како обожествена плот, како за нешто многу свето, а не сатанско, за нешто што е најубавиот органон на кој свири дури и самиот Создател преку осветените, обожествени сетила низ кои протечува сликата на рајот. За тоа нешто важно кажува и Исус во Новиот завет, кој не ја осудува проститутката Магдалена, туку ја разбира, ѝ простува, ѝ дозволува да го полее со балсам, а потоа да го избрише со нејзината коса. Таа е најпосле привилегирана и прва да го види неговото воскресение. Воскресението на космичкиот младоженец, како што им се претставил Синот божји и човечки на фарисеите. Итн.
Така, и како што гледаме сега по овие важни ремарки, еросот меѓу мажот и жената е божествен, трансцендентален, а не оголен, исклучиво нагонски и темен како што е сфатен тој кај „еднодимензионалниот“ (Маркузе) човек на западната материјалистичка и профитабилна цивилизација, која него го разбира и дефинира оголен од неговата сакрална димензија со поимот секс. И толку. Така. На тој начин, рајската слика не само што не се допира, туку целосно се уништува или, во крајна линија, се претвора во кич. Ова не е случај со Истокот. Во неговите доминантни религиски системи, како индуизмот и будизмот, личното его е целосно усогласено со божественото (врската меѓу Атман и Брахман) и со струјата на космичката енергија. Кај будистите, оваа енергија се именува како нирвана – состојба на хармонија и целосно растворање на сопственото јас во космосот по смртта, како врвно постигнато блаженство.
И додека Истокот долго го задржал својот спиритуализам на сфаќање на животот како возможна среќа, или рајска слика, драг читателу, тоа не е случај со Западот и неговиот „еднодимензионален“ консумеристички човек, кој кусо време по Исус уште со темпларите и крстоносците во раниот среден век му нанесол сериозна рана на христијанството. А да не зборуваме потоа за него по Колумбо, кога тој го колонизира и пљачка светот за негова материјална среќа. И само за неа, заборавајќи ги Бог и божественото без кои и нема враќање на рајската слика, нејзино психолошко и онтолошко доживување. Залудни се во таа смисла прекрасните катедрали што ги изградила божем за Бог западната цивилизација, но во нив тој никогаш и не влегол. Среќата има материјално и материјалистичко лице. Тоа е западната равенка на егзистенцијата без есенција, без Бог и божественото. Тоа го согледа и раниот англиски романтичар и визионер Вилијам Блејк, па говореше дека покрај материјална и материјалистичка постои и „психолошка реалност“, човекот за кој еден негов пријател пишува дека ужасно се плашел да биде материјално богат, за да не би го загубил со тоа духовното богатство во себе, во кое конечно е населен и Бог со ангелите, Божјото царство за кое толку многу им зборувал на луѓето со тврдо срце Исус Христос, а кое, парадоксално, не е на небото туку во нив, во нивното срце како божји храм, не во црквите изградени од цигли, камен и малтер кои не можат да го соберат во себе Отецот бидејќи неговиот престол е на небото а неговите стапала ја допираат земјата.
Блејк убаво го разбрал тоа со неговата „психолошка реалност“, па и затоа Бог го дефинира прекрасно со поимот бескрајност, со бескрајот, па вели: „Тој што го гледа бескрајот во сите нешта го гледа Бог“. Таа идеја, пак, тој ја варира и кога говори за прокудените сетила на човекот по падот, доведувајќи ги нив во врска со бесконечното доколку тие спиритуално се пречистат. Тој вели: „Ако вратите на перцепцијата се прочистат, на човекот ќе му се претстави онакво какво и што е, односно бесконечно“. Да се види бесконечното во малото, тоа е според него епифанија на самиот Бог. Во таа смисла е славно и неговото четворостишие, кое не еднаш го имам цитирано и е императивно во неговата и човековата потрага по Бог и божественото: „Да се види светот во Зрнце Песок, / Небото во Дивиот цвет, / да се држи бескрајот на дланката од раката / и Вечноста во еден час“. Тоа е сè. Тоа е визијата слична на онаа на свети Августин дека нема периферија и сè е Центар бидејќи „во сè е Бог и сè е во Бог“.
Но залудно го рекле тоа и Августин и Блејк по него. Тоа не го разбра западниот материјалистички човек, неговиот homo faber, трансформиран во неговата империјалистичка и консумеристичка егзистенција.

Меѓутоа сепак, парадоксално, тој ист човек рајската слика сè уште ја држи некаде, како што би рекол Фројд, во подрумот на својата потсвест, или несвест, обидувајќи се (пак несвесно) да ја искачи неа на површина. Не во трансценденталното ниво психата, натсвеста, како што би рекол Јунг, нивото на неговото духовно либидо. Кај него, материјалист и консумерист, доминира биолошкото его, голиот нагон без никаква трансцедентална прочистеност и сакрална енергија на поривот. На тој начин, пак, драг читателу, и сликата на рајот кај него се кичизира, а со тоа и уништува за што е несвесен тој, блажен во своето незнаење, кое меѓутоа нема ништо заедничко со источното „Големо незнаење“ кај Индусите, што е всушност свето знаење.
Западниот човек на материјализмот и профитот го профанизира еросот, „обожествената плот“ (Мерешковски) на гол секс и на јавна голотија по нудистичките плажи, како аналогија на ослободување од смоквиниот лист со кој ги беа покриле Адам и Ева срамните места (гениталиите) на своите тела по вкусувањето на забранетиот плод, и тоа беше од нивна страна како наши прародители првото архичувство на грев и срам. Тие чувства сега кај западниот човек на капиталот речиси и да не постојат. Адорацијата, пак, на десакрализацијата на еросот во анимален нагон без задршка тој општ материјалистички „еднодимензионален човек“ (пак Маркузе) ја прогласи 1968 година, ако се сеќаваш, драг читателу, за ослободување од сите табуа и прокламирање на апсолутната слобода под слоганот „сексуална револуција“, во која, алузивно речено, е фрлен смоквиниот лист, и на тој начин е вратена рајската слика низ која шетаат Адам и Ева голи (ама пред јаболкото и змијата) и невини, надгледувани од Бог. Голи ама во тела од чиста ангелска светлина.
Има разлика, нели, драг читателу? Тука некој може да ни забележи дека ја негираме човековата потрага по сликата на рајот, зборот, како што веќе рековме, апсолутно синонимен со зборот среќа. Не. Не негираме, само објаснуваме и ја даваме на показ кичизираната рајска слика на „еднодимензионалниот“ западен човек на капиталот, кој се откажал од сите свети знаци. А една од неговите масовни, во цели стада, потраги по сликата на рајот (среќата) е и модерниот туризам докрај кичизиран и десакрализиран, кој во добар дел ја уништува неа. Според антропологот Абрахам Мол, имено, модерниот туризам и туристи се опустошувачи на пејзажите секаде кај што ќе стасаат во нив. Тоа е, како што би го дефинирал тоа (претпоставувам) Фројд психолошка болест (иако истовремено и нејзина терапија), која тој ја именува како невроза, која ја нема кај примитивниот човек, или е сосема незабележлива. Во таа смисла и забележале поодамна антрополозите, на пример, дека човекот на сиромашна Африка е многу поисполнет со ведрина, спокој и егзистенцијална хармонија од богатиот, економски и социјално презаситен, но душевно (што е различно од духовен) сиромашен. А таа туристичка невроза на тој тип човек речиси прераснува во хистерија и кич. Фактички психолозите неа не можат да ја објаснат на друг начин, освен со онтолошка невтемеленост, со откорнатиштво од своето битие, или душа (најблиска до тој поим) каде што Јунг го лоцира Бог во нашето сопство или Јас, местото на кое кај Индусите и пошироко кај источниот човек, веќе напред рековме, се сретнуваат како целина индивидуалното (Атман) и космичкото Јас (Брахман).

Но таа психолошка и онтолошка алхемија во која се врзуваат земното и небесното му се непознати на западниот профитабилен материјалистички човек. Освен, се разбира на ретките и богоозарени, просветлени души, меѓу кои се и некои поети од тој сој, каков што е на пример Рилке, кој вели дека на човекот му е потребно само едно дрво на ридот со кое ќе пријателува за да ја не само долови туку и да ја има сликата на рајот, за која веќе толку многу зборови потрошивме, драг читателу.
А несреќата е уште и во тоа што од Колумбо наваму западниот колонизаторски човек во своите колонизаторски походи низ светот на сите четири страни заради материјален грабеж и унификација на цивилизацијата по негов терк уништи многу домородни народи и култури, уништувајќи ја така докрај сликата на рајот, не само својата туку и на насилно опљачканите и „цивилизираните“ од него. Навистина депресивно, ако се замисли човек.