Вашингтон повторно ги (по)врзува Москва и Киев

  • По повеќе од три години војна, во која фронтовите остануваат речиси непроменети, а дипломатските иницијативи најчесто завршуваат без резултат, последните контакти од пред некој ден помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот лидер Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ја вратија дипломатијата во центарот на вниманието. Четвртиот телефонски разговор меѓу Трамп и Путин годинава и најавената средба со Зеленски на самитот на НАТО во Анкара отвораат надеж за конкретен почеток на мир, со посредништво на Трамп

Помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков изјави дека Доналд Трамп во саботата разговарал со Владимир Путин еден час и 25 минути, при што понудил американска помош во наоѓањето решение за војната во Украина. Тоа беше четврти телефонски разговор меѓу двајцата лидери од почетокот на годинава, одржан по иницијатива на американскиот претседател.

Разговори што ја вратија надежта за мир

Ушаков го опиша разговорот како „деловен и многу конструктивен“, додека Кремљ соопшти дека Москва останува подготвена за политичко и дипломатско решение, но само доколку бидат уважени нејзините клучни безбедносни интереси. Во истиот дипломатски циклус, кусо потоа, Трамп разговараше и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. По разговорот, Зеленски изјави дека постои „реална перспектива“ за завршување на војната и оцени дека американската решителност може да одигра клучна улога во мировниот процес.
Според американски официјален претставник, Трамп ќе се сретне со Зеленски на маргините на самитот на НАТО во Анкара, а потоа не се исклучува ниту нов телефонски разговор со Путин. Така, американскиот претседател практично ќе разговара со двајцата лидери во рок од само неколку дена, обидувајќи се да го одржи дипломатскиот импулс.

Нова стратегија на Белата куќа

За разлика од политиката на администрацијата на Џо Бајден, која најголемиот акцент го ставаше врз воената и финансиската поддршка за Украина и врз санкциите против Русија, администрацијата на Трамп се обидува паралелно да ја задржи поддршката за Киев, но и да воспостави директен политички дијалог со Кремљ. Трамп одамна тврдеше дека токму директната комуникација меѓу лидерите е предуслов за секое сериозно мировно решение. Затоа не изненадува што телефонската дипломатија повторно стана еден од најважните инструменти на американската надворешна политика. Во Белата куќа очигледно проценуваат дека ниту една страна не може да оствари брза воена победа и дека, порано или подоцна, конфликтот ќе мора да добие дипломатска завршница.

Три години пропаднати мировни иницијативи

Најновиот мировен обид не е прв. Од почетокот на руско-украинскиот воен судир, во февруари 2022 година, беа поведени повеќе дипломатски иницијативи.
На самиот почеток од војната во Белорусија и Истанбул беа организирани директни руско-украински преговори. Иако тогаш постоеја извесни приближувања околу прашањата за безбедносните гаранции и можната неутралност на Украина, разговорите пропаднаа уште во пролетта 2022 година.
Подоцна следуваа мировните предлози на Кина, Бразил, африканските држави, Ватикан, Турција и Швајцарија, но ниту една иницијатива не успеа да ги приближи позициите на Москва и Киев. Причината останува иста – двете страни сè уште имаат сосема различни визии за тоа што би претставувало „праведен мир“.

Москва и Киев – две различни реалности

Русија инсистира секое мировно решение да ја признае фактичката состојба на теренот, односно контролата врз освоените територии, како и новата безбедносна архитектура во Европа, која би подразбирала ограничување на понатамошното ширење на НАТО. Украина, пак, смета дека единствено прифатливо решение е повлекување на руските сили и враќање на територијата во рамките на границите пред судирот. Меѓу тие две позиции засега не постои простор за компромис. Токму затоа, и покрај дипломатските сигнали, борбите продолжуваат со ист интензитет.

Анкара – повеќе од самит на НАТО?

Годинашниот самит на НАТО во Анкара добива значење што ги надминува редовните состаноци на Алијансата. Освен дискусиите за зајакнување на европската безбедност, зголемувањето на одбранбените буџети и идната американска улога во НАТО, самитот ќе биде внимателно следен и поради можноста да стане почетна точка за нов дипломатски процес. Средбата меѓу Трамп и Зеленски и можниот нов разговор со Путин ќе покажат дали Вашингтон навистина подготвува поширока мировна иницијатива или станува збор за дипломатско сондирање на позициите.

Дали Америка повторно станува главен посредник?

Во последните осум децении Соединетите Американски Држави посредуваа во голем број мировни процеси – од Блискиот Исток до Балканот. Но војната во Украина претставува можеби најкомплексниот конфликт во Европа по Втората светска војна. Таа одамна престана да биде само спор меѓу Москва и Киев. Во неа се испреплетуваат интересите на НАТО, Европската Унија, Русија, Кина и други глобални сили, што секое мировно решение го прави многу покомплицирано отколку што изгледа. Сепак, самиот факт што американскиот претседател речиси истовремено разговара и со Путин и со Зеленски покажува дека дипломатските канали не се затворени. Дали тоа ќе биде доволно за вистински мировен процес, останува неизвесно. Но по години во кои речиси единствен јазик беше јазикот на оружјето, повторното отворање на директниот политички дијалог само по себе претставува значаен дипломатски момент. Р.С.


ХРОНОЛОГИЈА НА МИРОВНИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ

1. Февруари 2022: Почеток на руско-украинскиот воен конфликт.

2. Март–април 2022: Преговори во Белорусија и Истанбул без конечен договор.

3. 2023–2025: Повеќе мировни иницијативи од Кина, Турција, Швајцарија, Ватикан и други држави останаа без конкретна завршница, иако беа направени конкретни предлог-документи, особено оној што беше подготвен од официјален Пекинг.

4. 2026: Доналд Трамп воспоставува серија директни разговори со Путин и Зеленски, обидувајќи се повторно да ја активира американската посредничка улога.