Занимливости
Прапочетоците на најпопуларната спортска игра на светот денес – фудбалот – се многу одамна. Врз основа на археолошките пoдатоци, се знае дека уште пред три илјади години во Кина, во Вавилон и во Египет постоела некаква игра со топка што потсетувала на денешниот фудбал. Многу подоцна во Стара Грција се појавила, „топчеста игра“ наречена „херпастум“, што особено во Спарта била дел од општото телесно воспитување на младите Спартанци. Натпреварувачите биле поделени во две екипи, а целта била топката да се уфрли во некаков објект, сличен на денешниот гол. Кога ја освоиле Грција (150 година пр. н.е.), Римјаните го позајмиле харпастумот од Грците. За време на владеењето на Цезар, се играло со една голема топка од мека кожа што играчите прво ја фрлале, а потоа ја воделе накај голот. Се играло грубо и машки, па повеќе личело на битка отколку на игра. Во средниот век, фудбалот се играл во италијанскиот град Фиренца и се нарекувал „џоко ди калчо“. Постоеле и некои основни правила: головите низ кои требало да се протне топката биле оддалечени сто метри еден од друг, а на секоја страна играле по 20-40 играчи. Во исто време во Франција се играла слична игра, наречена „шул“.
Татковина на вистинскиот фудбал се смета дека е Англија. Таму уште во 827 година се играло со топка што била комбинација од „домашниот“ и од „увезениот“ фудбал од Франција. Првобитниот фудбал во Англија личел на старата римска игра, се појавил во покраината Дерби и повеќе личел на рагби отколку на фудбал. Во 12 век фудбалот е пренесен во Лондон. Младите безработници трчале по тесните средновековни сокаци шутирајќи надувана воловска или свинска мешина.
Оваа трчаница толку ги заплашувала граѓаните што кралот Едвард Втори издал наредба со која ќе се казнел секој што игра со голема топка. Бидејќи оваа наредба не била почитувана, во 14 и 15 век биле преземени остри мерки против фудбалот. На момчињата им било забранувано да играат фудбал и други „глупави“ игри, затоа што ги занемарувале витешките вежби, стрелање со лак и стрела и мечување. Законски забранетиот фудбал се повлекол во внатрешноста на Англија. Во играта некогаш учествувале и по 300 луѓе, така што играчите во целата таа мешаница често и не забележувале дека топката е искината или дека воопшто ја нема на теренот.
Фудбалот станува повеќе ценет во 19 век кога го прифатиле големите училишта и универзитети во Англија. Но времето на вистинскиот фудбал сѐ уште не било дојдено. Повеќето училишта имале сопствени правила што доведувало до долготрајни објаснувања и расправии пред и во текот на играта. Сѐ уште немало клубови и не постоела голема разлика меѓу фудбалот и рагбито.
Дваесет и шести октомври 1863 година е најважниот датум во историјата на фудбалот. Тогаш е одржан состанок на сите лондонски клубови и овој ден се смета за вистински почеток на современиот организиран фудбал. Во една кафеана во Лондон бил основан фудбалскиот сојуз, чија прва задача била создавање нови единствени правила на игра.
(од книгата „Деби Му освојува медали“
на Жаклина Мучева, „Едука мак“, 2020)
































