Фото: Пиксабеј

Моментите пред зајдисонце или изгрејсонце секогаш изгледале посебно, како да носат некој посебен мир и спокојство. А научниците истакнуваат дека тие имаат влијание врз нашиот мозок и ментално здравје. Постојат сѐ повеќе докази дека гледањето изгрејсонце и зајдисонце може да има корисен ефект врз нашето здравје. Научниците открија дека тоа ги намалува анксиозноста и депресијата, ги подобрува меморијата, креативноста и квалитетот на сонот, па дури и алтруизмот. Една од најзначајните придобивки произлегува од страхопочитта што ја буди зајдисонцето. Истражувањата покажуваат дека ова чувство може да има силно влијание врз многу аспекти на нашето здравје.

Исклучителна убавина и необична глетка

Кога сме сведоци на нешто огромно и длабоко што не можеме целосно да го разбереме чувствуваме страхопочит, без разлика дали се работи за уметничко дело, човечко достигнување или природно чудо. Ваквите искуства ја менуваат нашата перцепција, предизвикуваат физички реакции како солзи, но влијаат и на нашата психичка состојба.
– Едни од најсигурните знаци на страхопочит се чувството за тоа колку сме мали и сфаќањето дека нашите проблеми можеби не се толку големи како што ни се чини – вели Мишел Шиота, професорка по социјална психологија на Државниот универзитет во Аризона.
Според неа, токму тоа помага да се прекинат шемите на негативните мисли, да се намали анксиозноста и да нѐ врати во сегашниот момент.
Зајдисонцето и изгрејсонцето се одличен пример за тоа. Студија од 2023 година, спроведена на повеќе од 2.500 учесници, покажа дека токму нивната исклучителна убавина и необична глетка создаваат силно чувство на страхопочит.

Страхопочитта нѐ прави и пољубезни

Освен што го подобрува расположението, зајдисонцето може да ја подобри и меморијата. Во експериментот на Мишел Шиота, учесниците што гледале научен филм што инспирирал страхопочит пред тестот најпрецизно се сеќавале на приказната што ја слушале. Сè уште не е целосно јасно што се случува во мозокот, но можно е искуствата што влеваат страхопочит да го фокусираат нашето внимание посилно на сегашниот момент.
Студија на 200 луѓе исто така покажала дека луѓето што почесто чувствуваат радост и страхопочит имаат пониски нивоа на цитокини, маркери на воспаление поврзани со поголем ризик од дијабетес, кардиоваскуларни болести и депресија. Причината сè уште не е целосно разбрана, но може да биде поврзана со поголемо чувство на поврзаност и пониски нивоа на стрес.
Страхопочитта може да нѐ направи и пољубезни. Во едно истражување, студентите што гледале во огромни еукалиптуси, за разлика од оние што гледале во зграда, имале значително поголема веројатност да му помогнат на истражувачот. Слично на тоа, ако ве воодушеви убавината на изгрејсонцето, поголема е веројатноста да покажете повеќе сочувство и подготвеност да им помогнете на другите.

Подготовка за подобар сон и подобар ден

Додека зајдисонцето го намалува нивото на кортизол, изгрејсонцето е неговиот природен поттикнувач. Благодарение на кортизолот, нашиот внатрешен часовник го блокира производството на мелатонин, кој ни овозможува да бидеме будни. Во регулиран систем, кортизолот се зголемува околу 30 минути по будењето, а потоа полека се намалува како што денот се приближува кон ноќта. Но, редовното изложување на вештачка светлина (особено сината светлина од екраните) по зајдисонце може да го измами системот што произведува кортизол да произведува повеќе кога не ни треба.
Научниците предупредуваат дека хронично високите нивоа на кортизол може да предизвикаат низа здравствени проблеми, вклучувајќи депресија, анксиозност, когнитивно оштетување и кардиоваскуларен стрес. Освен тоа, изгрејсонцето (т.е. изложувањето на сончевите зраци) го стимулира производството на серотонин, хемикалија во мозокот што го подобрува расположението.