Од творештвото на поетот Стојан Тарапуза
- По точно 60 години од неговата првообјавена книга за деца, духот и перото на Тарапуза не мируваат. На 92-годишна возраст, годинава во април, по повод Светскиот ден на литературата за деца, тој ја објави книгата „Јатки од зборови“ во издание на „Панили“ од Скопје
„Куќи и кули се ѕидаат со тули, се ѕидаат и огради и дворови, но тоа е нешто сосема друго, песни се ѕидаат со зборови“. Овие стихови, кои сигурно веднаш ги препознавате, се дел од песната „Силата на зборовите“ на еден од најплодните и најпознати македонски творци за деца, кој со своите стихови го изѕида книжевното детство на многу генерации. Тоа е поетот Стојан Тарапуза.
Роден е на 29 декември 1933 година во Злетово. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1966 година, во кое денес е еден од највозрасните членови.
Тарапуза ја објавил својата прва стихозбирка во 1961 година, а со книгата „Грејни сонце“, објавена во 1966 година, влегува во светот на литературата за деца, на која ѝ го посветува целиот свој живот до ден-денес. Се редат тука книгите: „Дамбара думбара“, „Под стреата на ѕвездите“, „Поглед низ двоглед“, „Зборови по дворови“, „Шарки жарки“, „Брзалки без врзалки“, „Сон на тркала“, „Мудрословија“, „Разденица“, „Везеница“…Но, по точно 60 години од првообјавената негова книга за деца, духот и перото на Тарапуза не мируваат. Тој, годинава во април, по повод Светскиот ден на литературата за деца, ја објави книгата „Јатки од зборови“ во издание на „Панили“ од Скопје.
Песните што ја сочинуваат „Јатки од зборови“ се создавани спонтано и во подолг временски период. Содржински се разликуваат едни од други, но во однос на пораките што ги сугерира книгата се многу слични. Тоа ѝ дава на книгата посебен белег. Нејзините поглавја, дваесет и шест на број, се со богата содржина и се одвиваат во разговорна форма, која е исклучително важна за детето. Книгата „Јатки од зборови“, како што е нагласено во рецензијата, и тоа во рима: „Заличува на вазна од зборови и на гоблен извезен од прашања и од одговори“. Во однос на стилот, формата и на структурата, таа е во духот на богатиот книжевен опус на Стојан Тарапуза, со препознатливата игра на звучноста и поучноста во стиховите.
Бардот на македонската поезија за деца Стојан Тарапуза напишал и објавил педесетина наслови за деца, постојано менувајќи го и надградувајќи го својот стил, успешно ловејќи ги современите текови од развојот на децата, но и од развојот на литературата за деца.
– Творецот не би требало да влегува во клише, да се повторува. Тој би требало да наоѓа нови теми, можности, нови стилски дотерувања, да го вклучи детето во играта, песната да биде во дослух со неговите желби, современа, едноставна, игрива… Ако не дојде до сето тоа, ако песната не е музикална, тоа нема да ја научи наизуст и да ја рецитира – вели Стојан Тарапуза во едно од своите интервјуа дадени за „Колибри“.
Застапен е во повеќе антологии на разни јазици, а негови песни досега се преведени на: руски, полски, чешки, словачки, романски, српски, хрватски и на словенечки јазик.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои се и: наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата „Ванчо Николески“ што ја доделува ДПМ за најдобра книга за деца во 2015 г., а трипати го добил признанието на Радио-телевизија Скопје за своето творештво. Неговите песни се објавени во читанките, а во 2011 година „Просветно дело“ ги објави неговите избрани дела во три тома.
Во новиот список за лектири од Бирото за развој на образованието, книгата „Брзалки без врзалки“ на Тарапуза е изборна лектира за второ одделение, „Насмеани капки“, изборна лектира за трето одделение, а „Сон на тркала“, пак, е изборна лектира за четврто одделение.
Со стиховите на Тарапуза израснаа многу генерации, а денес, кога тој е дел од македонскиот книжевен канон, неговото најново творештво се издвојува како највредното од поезијата за деца и за генерациите на 21 век.
Ф.Д.
Секој има
Секој има свој извор и река,
свое море и бран што го чека,
секое дрво, свој сон
што се ткае,
свое небо и ѕвезда што сјае.
Секој има свој престол
и круна,
свое царство и ветрова буба,
свое време, свој ден
што му годи
своја мисла и пат што го води.
Секој има свој копнеж
и тајна, своја песна
и приказна знајна,
своја љубов свој цвет
што се смее,
своја надеж и верба што грее.
Секој има и тоа се знае…
Животот е натпревар што трае.
Зошто ми е
Зошто ми е царски кожув
сошиен од бели руна,
одежда од сјајна свила
и блескотна златна круна,
кога јас си имам своја,
слободица света, мила
најотворен пат од желби
и небо со птичји, крилја!
Зошто ми е царски дворец
– од погледи слика скрита,
со стражари на сто страни,
со слуги и бројна свита,
кога јас си имам своја
дружина со глас и слава
и бел план за мир и слога
во својата детска глава!
Зошто ми е? Зошто? Зошто?
Детството е жива бајка
отворена како поле,
насмеана како мајка?
Другарството
е нешто свето
Другарството е нешто свето,
другарството е нешто красно,
другарството е мирно лето
без облаци небо јасно.
Кој другари верни има
другарството цути трае,
најискрени чувства буди,
ко светилник во нас сјае.
Другарството е нешто силно,
другарството е нешто лебно,
другарството е сонце крилно,
на сите нас многу требно.
Кој другари верни има,
другарството долго трае,
возвишени желби раѓа,
ко зорница ѕвезда сјае!

































