Влијанието на патлиџанот врз мојата кариера

Ќе ви раскажам една вистинита случка што имаше влијание врз мојата новинарска кариера. За автентичноста на приказната запомнете го зборот – етрел.
На почетокот на јули 1985 година бев назначен за главен и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“. Пред тоа три години бев заменик на главниот. Имав 37 години и 14 години стаж, вклучувајќи го и приправничкиот. Беше сезона на првите црвени домати.
Не поминаа десетина дена, а веќе бев изложен на едно големо искуство што можеше да ми ја уништи кариерата. Причина за една голема бура беа патлиџаните. Имено, тој ден весникот објави информација од некој агроном по градинарство во која укажуваше за опасноста од употребата на препаратот за прскање – пестицидот со име „етрел“. Пласирана ударно, на првата страница, уште утрината предизвикала узбуна во тогашната влада, во Стопанската комора, во агрокомбинатите, во земјоделските асоцијации и во други надлежни институции.
Ми се јавуваа министри и други лица од неколку ресори со сериозни закани дека брзо ќе ме сменат. Ме обвинуваа дека со објавувањето на информацијата сум направил голема непростлива грешка, сум го уништувал македонското градинарско производство. Дека нанесувам материјална и финансиска штета на македонското стопанство и на можностите за извоз на црвените домати. Да не редам сѐ што ми беше речено по телефон во тие неколку часа канонада од закани. Ми се јавуваа и моќни директори на големите социјалистички комбинати од Гевгелија, Богданци и од други места, кои ја кренаа узбуната, а за кои јас бев ситна риба.
Би бил неискрен ако не кажам дека бев уплашен, ме фати страв, да не речам една мала паника, ќе ми пукнеше жолчката, што се вели по народски. Сѐ уште не бев оспособен за отпор на притисоци од таков вид и од толку високи инстанци. Сѐ што ми беше кажано му соопштив на директорот, кој исто така не беше поштеден од такви повици. Раде Огњановски беше директор што имаше искуство и храброст да им се спротивстави. Ме поддржуваше и ме бранеше беспоговорно. Одолеавме на првиот бран.
Беше што беше, се намали температурата при јавувањата, спадна интензитетот на притисокот. Во редакцијата се договоривме да направиме неколку разговори со одговорни експерти од поголемите комбинати што произведуваат раноградинарски култури, со јасна намера да ја амортизираме и да ја релативизираме информацијата за штетноста на „етрелот“. Го сторивме тоа. Нивните објаснувања и убедувања ги објавуваме неколку наредни дена, вклучувајќи и други стручни мислења.
Патлиџаните беа спасени, „етрелот“ беше спасен, македонското градинарство беше спасено, јас куртулив, редакцијата исто така. Најспасена беше владата, која ем ги задоволи директорите, ем не дозволи да пукне јавен скандал околу употребата на „етрелот“, ем си ги задржа авторитетот и влијанието во медиумскиот простор.
Што е вистината за „етрелот“?
„Етрелот“ е хемиски препарат, пестицид што, барем во оригинал, го произведува индустријата „Баер“. Постојат и имитации и фалсификати. „Етрелот“ се прска на патлиџани за да може да зреат брзо и во исто време, односно речиси прекуноќ да добијат црвена боја. Се прскаат во фазата на првото заруменување на плодот. Со „етрел“ се прскани оние патлиџани што однадвор се црвени, а внатре со зелени зрнца и со корења. На тезгите на пазар тешко и ретко се препознаваат. Оние патлиџани за кои велиме дека имаат лице, но немаат ниту вкус ниту мирис.
На пакувањето на препаратот има неколку предупредувања: Имено, „етрелот“ може да нагризе метал, да предизвика повреди на очите, отровно дејствува врз околните води доколку се употребува во поголеми количества и нестручно, дека при употреба треба да се носат очила, заштита за лицето и ракавици. При преголема употреба му нанесуваат штета на плодот, како и на здравјето на оној што ги консумира плодовите. Покрај за зреење на патлиџаните, „етрелот“ се употребува и за засилување на бојата на вишни и лубеници. Некои тврдат и на цреши, но нема сериозни докази за нив. Никој не вели дека „етрелот“ е вид отров, но ретко кој негира дека не е опасен при користење големи дози. Не е отровен, но не и безопасен по човековото здравје. Не случајно е забранет во многу земји.
Зошто го пишувам ова веќе дамнешно, но неизбледено сеќавање, кое ме научи на претпазливост, издржливост и на истовремено попуштање кога човек гледа дека поројот доаѓа накај него, порој што може да го однесе. Но вистинската намера ми е да укажам на таа некогаш видлива некогаш невидлива спрега на власта, олигархијата и на медиумите, а на штета на граѓаните.

Со внимание ги следам информациите околу лажните декларации на производите од млеко, месо и за други артикли. И секогаш се потсетувам на случката со „етрелот“. Односно како се покри тоа, како што се покрива сега. Сите знаеме дека многу производи на пазарот, сирења, кашкавали, млека, кисели млека, месо, месни преработки, чоколади и разни пакувани артикли се лага, а никој ништо не презема. Дека власта, по крената наводна „узбуна“, набрзина настојува да ги покрива тие можни афери, да ги задушува, побрзо да одат во заборав. Како што се прави успешно за сите афери, криминали, корупции.
„Етрелот“ и денес се користи во македонското производство на црвени домати. Каде повеќе, каде помалку. Има такви патлиџани на македонските пазари. Големи се квотите за увоз од разни земји каде што употребата на „етрелот“ не е забранета, а прашање е каква е контролата. Никој од тоа не прави проблем. Важно е да вртат бизнисите, не умира народ од јадење патлиџани, други му се нему маките.