Повеќе поплави и нарушувања на инфраструктурата се регистрирани по вчерашното невреме што го зафати Скопје и околината, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Најголем дел од пријавите се однесуваат на поплавени куќи, подруми, гаражи и сообраќајници, како и на отежнато движење во повеќе делови од градот.
Според ЦУК, најпогодени се општините Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир и Аеродром, каде што надлежните служби интервенираат според приоритетот и ризикот.
Во статистичкиот преглед се наведува дека се поплавени два подвозника, три кружни текови, повеќе од осум улици и пет населби – Кисела Вода, Автокоманда, Чаир, Аеродром и Горно Лисиче. Пријавени се и поплавени куќи, подрумски и гаражни простории, два магацина, како и објектот на МАНУ, каде што водата навлегла во подрумот, гаражите, холот и амфитеатарот.
Меѓу најкритичните точки се подвозниците во Бутел и на булеварот „Србија“, кружните текови кај Ист Гејт, Мото Центар, Цементара и Железара, улицата „Јордан Мијалков“, како и паркинзите и внатрешните сообраќајници во Расадник и Аеродром.
ЦУК предупредува и на зголемено ниво на Усјанскиот канал и реката Серава во Бутел, каде што постои ризик од прелевање.
На терен се ангажирани екипи од Територијалните противпожарни единици, Дирекцијата за заштита и спасување, јавните комунални претпријатија, општинските служби, „Македонија пат“ и други надлежни институции, кои работат на расчистување на последиците и нормализирање на состојбата.
Од ЦУК ги повикуваат граѓаните кои претрпеле материјална штета да поднесат барања до општинските комисии за процена на штети, кои ќе извршат увид и ќе ја утврдат висината на оштетувањата.

































