фото: Маја Јаневска Илиева

Со изведување на материјални докази продолжи судењето против деветтемина полициски службеници обвинети за злоупотреба на службената положба во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, додека сослушувањето на сведоците беше одложено поради прашања околу статусот на класифицирани документи предложени како докази, пренесе МИА.

Судот соопшти дека од Министерство за внатрешни работи е доставен извадок од Правилникот за систематизација на работните места со ознака „строго доверливо“, како и извештај на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кој исто така е класифициран.

Адвокатот на одбраната Бранко Колев побара појаснување дали овие документи се декласифицирани и дали одбраната ќе може да поставува прашања до сведоците поврзани со нивната содржина.

Јавната обвинителка Спасенка Андонова изјави дека во моментот нема информација дали документите биле рекласифицирани и побара дополнително време за официјално да се обрати до институциите што ги изготвиле.

Поради тоа, Судот го одложи испитувањето на сведоците за следното рочиште, а денешната расправа продолжи со изведување материјални докази.

Обвинителството презентираше фото-албум со 30 фотографии од просторот околу дискотеката „Пулс“, на кои се прикажани паркингот, сообраќајната сигнализација и околните улици, како и локациите кај маркетот „Стокомак“ и хотелот „Национал“.

Дополнително, беше презентиран и извод од банкарската сметка на Дејан Јованов за периодот од јануари 2022 до март 2025 година. Според обвинителството, на сметката биле евидентирани повеќе безготовински приливи од компанијата „ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани“, меѓу кои и уплати од 300.000 и 400.000 денари во декември 2022 година, како и редовни месечни приливи во текот на 2023 година.

Судскиот процес го води судијката Ленка Давиткова, а обвинението го застапува обвинителката Спасенка Андонова.

Според обвинението на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, обвинетите полициски службеници во период од една година не ги презеле потребните службени дејствија и проверки поврзани со јавната безбедност и условите неопходни за издавање лиценца за работа на дискотеката.