ТЕНИС – ПО НАСТАПОТ НА ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРОТ ВО ВИМБЛДОН
- Играњето на овој голем терен со многу публика беше
навистина неверојатно. Тоа е еден од најдобрите, ако не и најдобриот турнир, па затоа е навистина доживотно искуство, изјави Ѓорческа за официјалниот сајт на Вимблдон, пренесе Тениската федерација на Македонија
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа го одигра својот прв меч на гранслем-турнирот Вимблдон и на тој начин испиша историја за македонскиот тенис. Таа стана прва првата македонска тенисерка во поединечна конкуренција (мажи и жени) што настапила на гранслем-турнир, пишува Тениската федерација на Македонија (ТФМ).
Ѓорческа (31) во првото коло загуби со 0-2 во сетови (3-6 и 2-6) од моментално шестата тенисерка во светот, Американката Аманда Анисимова (24), која во 2025 година беше финалистка на гранслем-турнирите Вимблдон и САД опен и беше фаворитка на овој меч. Ѓорчевска претходно ги помина квалификациите забележувајќи три победи.
– Дури и ако не сакам да слушам пред мечот, тоа е насекаде. Во моментов нема многу работи што се случуваат дома, па ова беше навистина голема работа за сите нив. Добив многу пораки за поддршка што ми значат сѐ на светот. Играњето на овој голем терен со многу публика беше навистина неверојатно. Тоа е еден од најдобрите, ако не и најдобриот турнир, па затоа е навистина доживотно искуство. Исто така, да се игра против Аманда, финалистка и неверојатна тенисерка, тоа е остварување сон – изјави Ѓорческа за официјалниот сајт на Вимблдон, пренесе Тениската федерација на Македонија.
Со пласманот во првото коло како тенисерка што ги поминала квалификациите, Ѓорческа освои 40 поени, со што при следното рангирање, по завршувањето на турнирот во Вимблдон, ќе треба да направи скок на ВТА ранг-листата и да се најде околу 200. место, пишува ТФМ. На гранслем-турнирот во Вимблдон титулите од лани ги бранат Италијанецот Јаник Синер во машка и Ига Швјотек од Полска во женска конкуренција. Г.И.

































